Груевски: Не планираме зголемување на даноците

Во последните две години откако почна светската економска криза и продолжи со европската должничка криза, од вкупно 27 земји-членки на Европската унија, дури 25 ги зголемија даноците. Република Македонија е од оние земји кои не само што не ги зголеми, туку во меѓувреме ги намалуваше даноците.

Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на првите 40 решенија за национални пензии во согласност со измените на Законот за култура. Тој нагласи дека Република Македонија во следниот период не планира зголемување на даноците.

- Правиме максимални напори и покрај сите проблеми со кои се соочува цела Европа, а претходно и целиот свет за време на светската криза, Македонија да не се доведе во ситуација да зголемува даноци. Mожам да потврдам дека не планираме да ги зголемиме даноците и ќе останеме на некој начин оаза во делот на Европа каде и покрај огромните тешкотии, најголемата светска економска криза во последните 80 години, европската должничка криза, рецесија во Европа каде 25 од 27 земји-членки на унијата качуваат даноци, ние сепак остануваме земја која нема да ги зголеми даноците, рече Груевски.

Земјата, истакна, во претходниот период успеа и да ги намали даноците, како што беше укинување на данокот на добивка за компаниите кои не ја распределуваат добивката, намалените придонеси за здравствено и пензиско осигурување и осигурување за вработување и други намалувања на даноците, како и последното за мали и средни претпријатија кои имаат годишен приход до 3 милиони денари.