Avdie 8 (oftoto) April amenge sa e romenge taro celo sveto si amaro baro dive. Avdisutne diveste amare roma tane priznaime sar nacija, narodo pobaro taro 50 (pinda) milionija.
Avdie amen shaj te iklova bizi dar bashi amaro dzivdipe, te vakera amen sijam Roma, amen sijen manusha kola si miroljubiva, kola so mangena poshuzho kher, poshukar buti, poshukar dzivdipe, poshukar thajsa.
Празниците се измислени од луѓето со цел да ги потсетат на големи настани кои што ја креираат и одбележуваат историјата на човекот како единствено суштество на кое што му е подарен разум од мајката природа.
Во генетскиот код на нашата врста длабоко е впечатен кодот за постојано движење и постојана социјална корелација.
Никогаш не помислив дека во овие свечени мигови ќе морам на најномадскиот народ во светот да му кажам „BESHEN KHERE“ во превод, останете дома. Всушност една од главните одлуки на првиот конгрес одржан во Лондон од 8-ми до 12-ти април сега веќе далечната 1974 година беше одлуката Џелем, Џелем најпознатата ромска песна да биде избрана за наша химна.
Замислете каква иронија на луѓето на кои што Џелем Џелем или Одам Одам, им е Модус Вивенди да им кажете останете дома не одете никаде.
Во куси црти да се потсетиме на одлуките на првиот конгрес на кој што се собраа делегати од 14 земји. Покрај химната претставено е и ромското знаме. Не случајно долниот дел од знамето е зелен, симболизирајќи ја земјата по која што одиме слободно, а горниот дел е син, симболизирајќи го слободното сино небо. Во средината е црвеното тркало кое што го симболизира нашиот вечен порив за постојано движење.
На четвртиот конгрес одржан во Полска во 1990 година донесена е одлука 8-ми април да се прогласи за официјален празник на Ромите. Многу одамна ние Македонските Роми, во Република Северна Македонија ја најдовме својата конечна одредница.
Признаени како апсолутно рамноправен народ, во земјата која во овие неспокојни времиња предводена од респектабилно и максимално одговорно раководство ги постигна најголемите успеси во својата историја.
НАТО повеќе не е далечен сон туку реалност, одлуката за почеток на преговори за членство во Европската Унија е донесена и потврдена.
Меѓутоа ова не е време за пароли и самозадоволства, ова е време за сериозни одлуки кои што ќе ги носат сериозни луѓе.
Голема чест и привилегија е што јас како Ром, сум составен дел на оваа Влада. Ве уверувам дека максимално се залагам, во овие тешки времиња да им го олесниме животот на сите луѓе а јас лично особено на ромското население.
Ние сме млада држава со ограничени ресурси, меѓутоа правиме максимални напори овој кошмар да заврши што поскоро.
На крај дозволете ми во овие празнични мигови како татко, сопруг, син и внук, а не само како министер во Владата на Република Северна Македонија уште еднаш да ве замолам, Останете дома – Beshen Khere,
Oven saste thaj bahtale