Промовирана втората генерација управители со отпад

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска додели 40 сертификати за положен испит за управители со отпад.

Лицата кои добија сертификат претходно поседувале обуки за управување со секаков вид отпад и, според Адеми, ќе дадат придонес за здрава и чиста средина.

Со добиениот сертификат, додаде тој, лицата може да подготвуваат планови и да изработуваат проекти за управување со отпад за компаниите и за општините, но и да основаат сопствени компании за управување со отпад.

- Од новите управители со отпад, кои се втора генерација очекуваме зголемување на ефикасноста во управувањето со отпад особено во правец на остварување на главните начела, намалување на количеството на отпадот, неговата повторна употреба и рециклирање и користење за производство на енергија, односно подобро ќе се постапува со отпадот во Република Македонија, рече Адеми.

Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје, кој е еден од добитниците, информира дека со овој сертификат може да биде управител за постапување со отпад, опасен и комунален. Тој појасни дека со тоа се стекнуваат со право да работат во претпријатие кое се занимава со собирање, третман и депонирање на отпад.