Средба на министерот Димоски со израелскиот амбасадор Коен
Соработката во областа на земјоделството меѓу Македонија и Израел и реализацијата на проектите за селски туризам во струшко-охридскиот регион и за производство на сертифицирано семе и саден материјал во Свети Николе, беа главни теми на денешната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски со амбасадорот на Израел за Македонија, БиХ и Албанија, Давид Коен.
- Со цел формализирање на веќе добро поставените билатерални односи помеѓу Македонија и Израел, доставен е нацрт-текст од израелска страна за соработка во областа на земјоделството. По усогласување со надлежните институции и усвојување од Владата на Република Македонија се очекува да биде потпишан во мај за време на посетата на министерот Димовски на Израел која е во рамки на Меѓународниот саем за земјоделство Агритек 2012, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Амбасадорот Коен најавил дека израелски експерти ќе бидат обучувачи во проектот за селски туризам што треба да се спроведе од 19 до 28 овој месец во Охридско-струшкиот регион. Обуката првенствено е наменета за локалните власти, невладиниот сектор, земјоделските здруженија и заинтересирани индивидуалци, а ќе присуствуваат и пет промотори на селски туризам и од Албанија. Покрај таа обука, планирани се и серија други обуки со цел пренесување на искуството и стекнатото знаење што ќе се развие во струшко-охридскиот регион.
Израелскиот амбасадор воедно го информирал министерот Димоски дека проектот за производство на сертифицирано семе и саден материјал во Свети Николе ќе почне во средината на следниот месец, кога се очекува да дојде израелскиот експерт Ѓора Теслер.