Владата на Република Северна Македонија на денешната 13-та седница ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работно време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен оние што вршат испорака, како и да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.
Владата денеска ја прифати и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите.
На оваа седница Владата ја прифати препораката на Комисијата да се одложи атлетската трка „23 Oктомври“ во Скопје, како и да остане забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации, кои претходно бараа оваа забрана да биде укината.
Врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, Владата го одобри Протоколот за постапување при полагање на стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со КОВИД-19.
На денешната седница Владата го утврди Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење со кој се предвидува изградба на посебен вид на градби односно модуларни градби за здравствена дејност, чија изградба е финансирана со средства од Буџетот на Република Северна Македонија или со средства од Европската Унија односно друга меѓународна организација, заради зголемување на ефикасноста на здравствениот систем при справувањето со коронавирусот КОВИД-19.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на оваа седница ја информираше Владата дека го прифатил барањето на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, задолжен и за спроведување на Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата и дека ќе му препорача на Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да ја разреши директорката Лидија Димова заради неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста.
Оваа постапка ја овозможува членот 23 од Етичкиот кодекс, според кој претседателот на Владата може да побара политичка одговорност, односно барање за поднесување на оставка на носителот на извршна функција или предлог за негово разрешување, и да покрене иницијатива за информирање на надлежни институции, при што врз основа на сознанијата и одлуките на Управниот одбор, ќе се запазат сите постапки за гарантирање на принципот за презумпција на невиност.
Владата денеска го утврди најновиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за научно-истражувачка дејност.
Со предложените измени се пролонгира рокот за избор во научни звања, односно лицата кои се фаза на стекнување на овој статус да ги завршат докторски студии и да бидат избрани во научно звање научен соработник, со што се надминува состојбата поради која немаше законски основ за исплата на септемвриската плата во научните институти.
Владата денеска го утврди новиот текст на Предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и согласно член 170 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе го достави до пратениците на усвојување.
Овие дополнувања се со цел да обезбедат стабилни приходи и да се олесни работењето на општините во време на КОВИД-19 за 2021 година, кои се дел од Пакетот 4 на Владата на Северна Македонија.
На денешната седница е утврден и новиот текст на Предлогот на закон за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Целта на Предлог на Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, е создавање услови за целосна имплементација на член 147-а од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, според кој, активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата остварува право на стаж на осигурување со зголемено траење, односно бенефициран стаж.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за октомври 2020 година и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 26.10.2020 година.
Владата им препорачува на деловните банки да обезбедат пензионерите со октомвриските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 27.10.2020 година, а готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, да биде организирана во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
- Во вторник, на 27.10.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
- Во среда, на 28.10.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
- Во четврток, на 29.10.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
- Во петок, на 30.10.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
Владата денеска ги именуваше Сашо Тасевски за директор на Бирото за јавна безбедност при МВР и Пеце Мирчески за директор на Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Северна Македонија, додека пак Висара Риза е разрешена од должноста в.д. директор на Агенцијата за лекови и медицински средства и на таа позиција е именуван Лирим Шабани.
На денешната седница Владата го донесе Решение за измена и дополнување на Решението за именување претседател, генерален секретар и членови на Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, при што за претседателка на Комисијата е назначена министерката за култура проф. д-р Ирена Стефоска.