Премиерот Груевски прими група високи советници на американски конгресмени

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со група на високи советници на американски конгресмени кои што престојуваат во посета на Република Македонија во организација на Обединетата македонска дијаспора.

На средбата претседателот Груевски ги претстави стратешките приоритети на Владата на Република Македонија во доменот на европските и евроатланските интеграции, образованието, економијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор.

Посебен осврт беше ставен на прашањата поврзани со ЕУ и НАТО интеграциите, при што претседателот на Владата ги претстави ставовите, позициите и активностите што се превземаат во контекст на реализацијата на овие надворешнополитички стратешки приоритети на Република Македонија.

Покрај тоа, на средбата се разговараше и за реформите кои што се превземаат во образованието, економските политики, со посебен фокус на даночните олеснувања, потоа деловната клима, како и привлекувањето на странски инвестиции во Република Македонија.