Претседателот на Европскиот завод за патенти, Батистели се сретна со високи владини претставници

Претседателот на Европскиот завод за патенти, Беноа Батистели во рамки на својата прва официјална посета на Република Македонија, оствари средби со заменик-претседателот Владимир Пешевски, министрите за надворешни работи и за економија, Никола Попоски и Ваљон Сараќини. Претходно, тој се сретна со Сафет Емрули, директор на Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС).

Батистели, соопшти  Европскиот завод за патенти, истакна дека Македонија стана членка на Европската патентна организација само пред три години, а државата ја има усвоено во целост легислативата и стандитена интелектуалната сопственост и додаде оти во делот на примената на законите и стандардите Европскиот завод за патенти може да придонесе со своја поддршка и експертиза преку билатералната соработка со ДЗИС.

Директорот на ДЗИС, Емрули изрази верување дека посетата ќе ја зајакне нивната соработка со Европскиот завод за патенти, преку вклучување на највисоките државни органи на државата и дека улогата ДЗИС како координатор ќе биде засилена - Ние ќе вложиме напори кои ќе не одведат кон економија базирана на знаење. Ние особено го цениме новиот пристап во политката на соработка, заснован на принципот на солидарност, која е промовирана под водството на претседателот Батистели, рече Емрули.

Европскиот завод за патенти има намера да се вклучи во целиот спектар на активности на ДЗИС во рамки на зацртаните насоки, вклучувајќи професионална обука, зајакнување на универзитетските мрежи и развојот на е-алатки за дисеминација на патентните информации.

Република Македонија стана 35-та земја членка на Европската патентна организација на 1 јануари 2009 година. Државата, исто така, го ратификуваше Лондонскиот Договор, кој стапи во сила на 1 февруари.