Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа денеска ја одржаа редовната прес-конференција по 21-вата владина седница.
Одговарајќи на новинарски прашања за натамошните чекори и стратегијата во разговорите со Бугарија, по задршката на Софија да ја одобри преговарачката рамка, портпаролот Арсовски истакна дека Владата останува посветена на европскиот пат, а пречките ќе се надминуваат врз основа на европските вредности и принципите на добрососедство и дијалог.
„Владата на Северна Македонија има јасна определба, дава шанса на процесот и работи на тоа да дојде до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно стратешки евроинтеграциски цели на земјава. Се работи заедно со нашите меѓународни сојузници. Посебно сме благодарни на зајакнатиот ангажман на германското претседателство со ЕУ. Токму во вакви моменти, на предизвик, треба да се покажат европски вредности. Дијалог, наместо конфликт. Смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации“, посочи портпаролот Арсовски.
Воедно портпаролот Арсовски истакна дека не се размислува за некаков Анекс и дека Договорот за добрососедство, пријателство и соработка дава добра рамка за надминување на овие прашања, при што нагласи дека македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик не може да биде предмет на преговори.
„Владата не може и никогаш нема да се откаже од нашето право на самоопределување кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија“, подвлече портпаролот Арсовски.
Тој информираше дека лидерска средба не е предвидена и Владата смета дека за тоа нема потреба, бидејќи македонските позиции се јасни и познати во јавноста.
„Овде само би упатиле повик до сите чинители да се однесуваат конструктивно за стратешките прашања и на таков начин да учествуваат во дебатата. Сметаме дека треба да се има одговорност, да не се прави штета со долевање масло. Не треба да се дејствува деструктивно и на начин што би поттикнал говор на омраза“, истакна Арсовски.
Одговарајќи на новинарско прашање тој посочи дека оставка на Владата би значело неодговорност кон мнозинството граѓани кои дадоа поддршка на изборите токму за да ги водат одговорни политичари и убедени дека ќе се реализира европската агенда.
„Владата останува посветена на реформите кои се дел од патот кон членство во Европската Унија. Земјава стана членка на НАТО. Во март Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Истовремено, во март Република Северна Македонија имаше исклучително позитивен извештај од Европската комисија за реформскиот напредок, каде е подобра од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат“, наведе портпаролот Арсовски.
Одговарајќи на новинарско прашање за евентуално прогласување на кризна состојба на целата територија и дали се размислува воведување на полициски час, портпаролот Хоџа истакна дека сите опции за справување со пандемијата се отворени, но конкретните мерки ќе бидат донесени по средбата на Советот за безбедност кај претседателот на државата Стево Пендаровски.
На прес-конференцијата портпаролите Арсовски и Хоџа информираа за дел од заклучоците, одлуките и информациите кои беа разгледани и прифатени на 21-вата седница, меѓу кои и дека:
- Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за здравство да спроведе постапка за јавна набавка на брзи антигени тестови за потребите на јавните здравствени установи со спроведување на постапка на преговарање без објавување оглас согласно членот 55 став (1) точка 6) од Законот за јавните набавки, според кој оваа постапка може да се спроведе „доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат“.
- Владата го утврди текстот на Предлог на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. Проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“ опфаќа воспоставување на две линии за брз автобуски превоз со коридори кои се резервирани само за автобусите, со цел подобрување на квалитетот на превозните услуги на патниците во правец „исток - центар - запад“ и „југ – центар- север“, намалување на времетраењето на превозот на патниците, подобар пристап и користење на превозните услуги и за намалување на загадувањето на воздухот.
- На оваа седница е утврден и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, со цел да продолжат да важат одлуките донесени со Уредби со законска сила, како и заради формирање на Национална комисија за имунизација.
- Владата го утврди и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување со кој се продолжува примената, препишување и издавање на рецепти во електронска форма и по истекот на 31 декември 2020 година, и се уредуваат и други прашања од правата на граѓаните на здравствена заштита.
- Владата на оваа седница донесе Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V - заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејсажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата. Вкупната површина на Заштитен предел - Осоговски Планини изнесува 48807,16 хектари, a со него ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.
- На оваа Седница, Владата донесе и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел, со што Министерството за животна средина и просторно планирање ќе може да ги започне постапките за прогласување согласно законските процедури.
- Во врска со Информацијата за формирање на Центар за поддршка на македонските компании при настап на НАТО пазарот Владата го задолжи Министерството за одбрана во постоечката организациска структура на Министерството да го вгради Одделот за поддршка на компании при настап на НАТО пазарот. Дополнително за ова прашање Владата го задолжи Министерството за финансии да издаде финансиска согласност за вработување на административни службеници во Министерството за одбрана, за работни места поврзани со Центарот/Одделот за поддршка на компании при настап на НАТО пазарот.
На прес-конференцијата беше информирано и за новите кадровски одлуки.