Владата ќе субвенционира нови авиолинии

Премиерот Никола Груевски денеска најави дека до крајот на овој месец или во почетокот на април ќе биде објавен јавен конкурс за барање понуди од авиокомпании за отворање нови авиолинии од Македонија, што ќе бидат субвенционирани од Владата.

- Вршиме контакти со повеќе заинтересирани авиокомпании со цел да ги анимираме кога ќе излезе јавниот повик тие да се јават. Откако ќе го завршиме овој процес ќе објавиме јавен конкурс и ќе ја поканиме секоја заинтересирана компанија, претежно оние со нискобуџетни летови да аплицира. Засега има интерес, според она што го дознавам, и сметаме дека ќе се јават компании, и оти ќе има можеби шест или повеќе нови директни авиолинии. Тој тренд планираме да го одржуваме и во наредните години и да го зголемуваме, изјави Груевски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на пешачка патека долж крајбрежјето на Дојранското Езеро.

Владата, посочи премиерот, реши да се вклучи со субвенции за да им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните и бизнисмените. 

- Македонија е мал пазар од два милиона луѓе и интересот е помал. Токму затоа Владата ќе се вклучи со субвенционирање. Тоа ќе биде важно за разој на туризмот и за поддршка на бизнисот, како и за сите граѓани кои ќе имаат потреба да отпатуваат во сранство, а сега се принудени да менуваат повеќе авиони, што ја зголемува цената на патувањето, рече премиерот Никола Груевски.