Груевски: Продолжуваме со силно субвенционирање на земјоделството

Со рекордните 130 милиони евра во една година субвенции во Македонија никогаш досега немала поголема поддршка за земјоделците. Продолжуваме со нивно силно субвенционирање, но при нивната распределба во иднина ќе се инисистира и на квалитетот на земјоделските производи, оценува премиерот Никола Груевски.

- Мислам дека Македонија никогаш немала поголема поддршка за земјоделците од тоа што го има сега. Никогаш досега во историјата на оваа земја не се одвојувле толку значајни средства,  толку големи суми пари за поддршка на земјоделството. Вкупно 130 милиони евра во една година е рекорд што било кога во Македонија со  кој било период да се мери не може да се спореди ни приближно, рече премиерот на нобвинарско прашање по пуштањето во употреба на пешачка патека околу Дојранското Езеро.

Потсети дека пред доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ се издвојуваа околу пет до шест милиони за поддршка на земјоделците што се симболични суми кога ќе се распределеа на сите одгледувачи на култури, а некои, вели, ништо не добиваа.

- Сега имаме 130 милиони евра годишно. Лани имавме 115, а за следната година се планираат нови 135 милиони кои се повеќе поткрепа за земјоделците. Во првите години земјоделците ги користеа за да ги вратат долговите, да се раздолжат и да застанат на нозе. Но, сега се надевам дека голем дел од земјоделците се во можност да инвестираат во механизација. За тоа имаме и посебни програми преку ИПАРД програмата, преку Агенцијата за поддршка на земјоделството се доделуваат грантови 50:50, рече Груевски.

Според него, во иднина политиката на Владата во однос на поделбата на субвенции ќе биде во правец на зголемување на квалитетот на земјоделските производи. Во одредени области на земјоделството, посочува, нарушен  е квалитетот за постигнување и максимилизирање на профитот, а се произведуваат производи кои тешко можат да се продадат на надворешниот пазар. Во тој контекст го посочи случајот со лубениците каде во последните години многу производители почнале семето за оваа култура да го вкрстуваат со семе од тиква, која го зголемува тој производ, но го намалува нејзиниот вкус и потешко може да се продаде на меѓународниот пазар за разлика, вели, од наши соседни земји кои тоа не го прават и станале поконкурентни од нас.

- Се јавува вишок на пазарот затоа што не може да се извезува како во минатите години што се извезувало и на крај, претпоставувам, дека производителите на бостан ќе дојдат пред Владата и ќе речат да им го купиме ние бостанот. Затоа е многу важно да се насочат да им се укаже дека на таков начин не може да се продолжи, смета Груевски.

Подвлече дека ќе се даваат се повеќе субвенции на производители кои ќе произведуваат со серитфицирано семе, а не со неквалитетно или вкрстувано со други заради профитабилни причини.

- Ќе растат субвенции за производителите од сертифицирано семе, а ќе опаѓаат за оние кои не користат такво. Скоро во сите култури може да се каже по еден ваков пример каде сакаме да го зголемиме квалитетот на земјоделските производи за тие полесно да се извезуваат и да постигнуваат поголема цена и да не се извезуваат само на околните пазари, туку да може да бидат прифатени на најпробирливите пазари каде се бараат највисоки стандарди како што е пазарот на ЕУ. Стратегијата е одлична, патот е добар, Владата продолжува со силно субвенционирање, но се разбира повеќе внимание во иднина ќе мора да се обрнува на квалитетот, порача премиерот Никола Груевски.