Потпишани 21 нови договори за изградба на мали хидроцентрали

Во наредните три години во Македонија треба да се изградат 21 мали хидроцентрали кои ќе имаат вкупен инсталиран капацитет од 23 MW и очекувано годишно производство на електрична енергија од 87 GWh . Инвестицијата се проценува на 40 милиони евра.

Хидроцентралите ќе ги градат две италијански и осум македонски компании. Договорите за концесија денеска се потпишаа во Министерството за економија. За пет локации договори потпиша италијанската БНБ Енерџи ДОО Скопје, за четири Сол Хидропауер ДООЕЛ Скопје, чиј основач е Сол Спа од Италија, за три Супер Ноува Енерги ДООЕЛ Тетово, за по две Норд Енерџи Груп ДОО Тетово и Енергомонт-МЗТ-ХЕРЦ ДОО Битола и МХЕ Јабланица ДОО Скопје, ХЕЦ 277 ДОО Скопје, Енерџи лукс ДООЕЛ Штип, ЕЛ ТЕ Инженеринг ДОО Скопје и ЦММ Енерџи Компани ДООЕЛ Гостивар со основач ЏММ Ричи од Италија потпишаа договори за  по една.

Малите хидроцентрали, како што истакна министерот за економија Ваљон Сарачини ќе се градат на реките Бистрица, Пена, Брза Вода, Крива Река, Одранска, Беловишка, Бачишка, Јабланица.

Тој потенцира дека со овие нови договори вкупната бројка потпишани договори за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични центрaли ќе изнесува 68. - Во досегашниот период од 2007 – 2011 година беа потпишани 47 договори за концесија за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи, со вкупен инсталиран капацитет од 34,7 MW и очекувано годишно производство од 140 GWh.

Проценетата инвестиција изнесува околу 63 милиони евра, рече министерот и додаде дека со денешното потпишување вкупниот инсталиран капацитет ќе се зголеми за 67 отсто во однос на претходно потпишаните, додека производството на електрична енергија би се зголемило за 62 отсто во однос на претходно потпишаните. Вкупната инвестиција на сите електрани е 100 милиони евра.

Кочо Анѓушев од МХЕ Јабланица, која потпиша договор за една концесија, истакна дека ова е нивен 10-ти договор. Имаат три веќе вклучено во системот и произведуваат електрична енергија, а за другите постапката е во процедура.

Според него, ова е охрабрувачки и за другите инвеститори. Инвестицијата, како што рече, се враќа за 8 до 10 години, договорите за концесија се на 20 години по што се предаваат на државата. Малите хидроцентрали, како што посочи тој, може да заменат 10 отсто од вкупниот увоз на електрична енергија што го прави Македонија.

Министерот потенцира дека како Министерство ќе продолжат со реализација на Стратегијата за обновливи извори на енергија.

Ова е последна постапка за доделување концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи што ја спроведува Министерството за економија. Наредната постапка согласно Законот за води ќе ја спроведе Министерството за животна средина и просторно планирање.