Промовиран „Certiport“ сертификатот за дигитална писменост на граѓаните

Македонските граѓани ќе имаат можност, преку полагање, да се стекнат со Certiport сертификат како потврда за нивната компјутерска писменост.

Сертификатот е светски признат, а беше промовиран денеска во Стопанската комора. За негово издавање е задолжена МАСИТ - Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (ИКТ).

- Очекуваме голем број граѓани преку едукативните ИКТ центри низ Македонија да ја искористат оваа можност, да полагаат и да стекнат Certiport сертификат. Воедно, согласно Програмата за работа, Владата лани предложи и воведување т.н европски компјутерски сертификат ЕЦДЛ што е вид возачка дозвола за користење компјуетери, исто така за потребите на граѓаните, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски пред промоцијата.

Активностите за компјутерско описменување на граѓаните продолжуваат. И досега, како што истакна Ивановски, беа спроведени низа проекти. Во 2007 и 2008 година повеќе од 22.000 граѓани поминаа обуки за основно познавање на ИКТ.

Според оценките на Интернационалната комуникациска заедница (ИДЦ), до 2015 година 90 отсто од сите работни места ќе имаат потреба од основно ниво на дигитална писменост.

ИДЦ во 2010 година ја рангираше Македонија на 55 место за ИКТ писменост.