Министерот за странски инвестиции Бил Павлески, во работна посета на Кралството Шведска

Министерот за странски инвестиции на Република Македонија, г-дин Бил Павлески, престојува во работна посета на Кралството Шведска. За време на посетата тој оствари средба со државниот секретар за надворешна трговија на Кралството Шведска, г-дин Гунар Ом. На средбата беа разменети мислења за интензивирање на економската соработка помеѓу Република Македонија и Кралството Шведска, пред се во делот на зголемување на странските инвестиции и унапредување на надворешно-трговската размена помеѓу двете држави.

Исто така, министерот Павлески оствари одделни средби со менаџерите на неколку водечки компании од скандинавските држави пред кои ги презентираше инвестициските потенцијали на Република Македонија, меѓу кои Leax Group, еден од поголемите добавувачи во автомобилската индустрија, Sapa Group, лидер во производството на алуминиумски профили во светот и инвестициската корпорација Investor AB, што е мнозински акционер во познатите светски брендови: Electrolux, Astra Zeneca, Saab, Atlas Copco, Ericsson, ABB и во една од водечките банки во Скандинавија, SEB.  

За време на посетата, министерот Бил Павлески оствари средби и со градоначалникот на Копинг, г-ѓа Елизабет Саломонсон и со претседателот на Стопанската Комора на Шведска-Југоисточна Европа, г-дин  Арне Олсон.