Регионална конференција за социјална и економска одржливост преку енергетската ефикасност

Потребна е заштеда на енергија и рационална употреба на она што го поседуваме, е еден од заклучоците на денешната регионална конференција „Постигнување на социјална и економска одржливост преку енергетската ефикасност на централно и локално ниво“, што се одржува во Скопје во организација на Центарот за истражување и креирање на политики и Школата за јавна политика „Мајка Тереза“.

- Владата на Република Македонија веќе има донесено Стратегија за унапредување на енергетската ефикасност до 2020 година која опфаќа три клучни моменти, сигурно снабдување со енергија, одржливост на економски раст и конкурентност на економијата, рече министерот за економија Ваљон Сарачини.

Македонија, како што посочи, е потписник на Договорот за основање на енергетската заедница со што има одредени обврски кои треба да ги исполни до 2018 година, односно до 2020 година, кога од вкупната потрошувачка со енергија 20 отсто треба да биде од обновливи извори на енергија.

- Министерството за економија активно се вклучува во мерките на Владата за енергетска ефикасност. Веќе имаме и конкретен Акциски план, го имаме и проектот со Светска банка кој е во вредност од 5,5 милиони долари, тоа е реконструкција на училишта или да се направат училишта кои ќе бидат енергетски ефикасни, рече Сарачини.

Тој информираше дека имаат и нов проект со УСАИД и во соработка со седум општини ќе работат за подобрување на енергетската ефикасност во секторот домување.

- Планираме и други проекти, почнувајќи од посета на секоја општина, промовирање на нашите активности, како и подигање на свеста на граѓаните дека време е да се ориентираме на енергетска ефикасност, рече Сарачини и изрази надеж дека тоа ќе се одрази на сметките за електрична енергија.

Одговарајќи на новинарско прашање, Сарачини информира дека во Министерството за труд и социјална политика има проект со кој Владата субвенционира 600 денари за социјално загрозените семејства. Според него, ова е една од мерките што дава добри резултати и апелираше социјално загрозените семејства да аплицираат повеќе.

Марија Ристеска, извршен директор на Центарот за истражување и креирање на политики истакна дека оваа конференција има за цел да покренне дискусија на две теми, енергетска ефикасност на локално ниво и енергетска сиромаштија.

Таа рече дека енергетската ефикасност во земјава се регулира преку неколку стратегии и законски решенија и опфаќа повеќе сегменти - заштеда на енергија преку начини на градење, преку изградба на електронски помагала кои штедат енергија и однесување на луѓето, односно штедење на енергетските ресурси кои, како што рече, ги имаме на располагање, но не се бесконечни.

- Целата регулатива и интервенција на државата во оваа област има за цел да обезбеди законска и институционална рамка која ќе стимулира поефикасно и поштедливо да ги користиме енергетските ресурси, рече Ристеска.

Според неа, во Македонија регулативата и јавниот дијалог за енергетска ефикасност на локално ниво е добро уредена и има активности во оваа област.

Љупчо Димов, раководител на Оделението за енергетска ефикасност во општина Карпош информира дека тие како локална власт први донеле петгодишна програма, од 2008 година, а спроведуваат и 17 активности кои се поврзани за оваа програма.

- Странскиот фактор и актуелноста на оваа проблематика, енергијата веќе поттикнаа да создадеме мрежа за енергетска ефикасност во ЗЕЛС. Мрежата е создадена пред една недела, а субјекти се сите општини во ЗЕЛС, рече Димов, кој е претседател на оваа мрежа.

Тоа, според него, ќе даде поттик во кадровското оспособување на локалните власти.

На конференцијата покрај експерти од Македонија, присуствуваа и експерти од Србија, Хрватска и Црна Гора.