МОН ќе набавува материјали и опрема за средните стручни училишта

Министерството за образование и наука почна проект  за набавка на материјали и опрема за средните стручни училишта во државата. Гимназијата „Георги Димитров“ е првото средно училиште кое утре ќе добие опрема во вредност од 300 илјади денари.

-  Планот е сите средни стручни училишта да  добијат потребни материјали за секојдневна работа при извршување  на наставните активности, информира денеска министерот за образование и наука Панче Кралев при посетата на средното училиште „Георги Димитров“.  

Со  раководството на гимназијата Кралев разговарал и за можностите за опремување кабинети по физика и билогија. - Тоа е еден од најнеопходните елементи  за дооформување на наставата, така што во следниот период МОН ќе пристапи кон  евалуација за средните училишта и потребата од формирање или опремување на кабинетите, рече Кралев.

Набавката на материјалите и опремувањето на кабинетите, посочи, треба да  овозможи што поквалитетна настава. 

- Средните стручни училишта се многу битна алка во системот за подобрување  на конкурентноста на македонската економија и продуцираат кадар за голем број македонски компании, така што средствата  кои ги обезбедуваме за подобрување на наставата се со цел на учениците да им овозможиме практична работа со современи алати кои ги користат голем број од компаниите,  наведе министерот за образование.

Одговарајќи на новинарски прашања Кралев рече дека  МОН го поддржува Предлог законот за учебници, кој е во собраниска процедура. Со предложените измени МОН ќе има обврска да ги обнови сите учебници што ќе бидат пријавени  од училиштата како оштетени или нефункционални.

- Веќе не станува збор за години на  користење туку  секое училиште  законски ќе мора до мај да пријави до педагошката служба сите учебници кои ги смета за нефункцононални, оштетени или неупотребливи во наставата. Сега имаме обврска  да обезбедиме нови учебници за сите училишта кои ќе пројават таква потреба, посочи Кралев.

Доколку оштетените учебници ја надминат обезбедената сума од 200 милиони денари за набавка на учебници, министерот најави дека ќе  бидат обезбедени дополнителни средства. - Но, за тоа ќе знаеме во мај кога треба да заврши законски доставата на барањата од училиштата, секако доколку се усвои законот во Собранието, укажа Кралев. 

Според Кралев,  до МОН се пријавени случаи за неправилности со навредливи содржини во учебници по историја и други учебници.  Забалешките се доставени од различни граѓански асоцијациии, здруженија на наставници. Но, укажа министерот, за да се дојде  до констатација дали се навредливи или не се потребна е малку поширока дебата затоа што  сепак  тој учебник пред да биде ставен во употреба  поминал неколку филтри, авторите, рецензентите, националната комсиија, така што и самите пријави подлежат на дополнителна проверка. Не станува збор само за историја  генерално добиваме забелешки и за други учебници од заинтерсирани граѓани или  наставнници кои сметаат дека дел од текстот е несоодветен, информира министерот Панче Кралев.