Попоски: Поддршката од Германија за ЕУ и НАТО е исклучително важна

Германија континуирано ја поддржува Македонија на сите полиња, а од исклучително значење е да се задржи кредибилитетот на процесите на проширувањето како во НАТО, така и во Европската унија.

Ова е потенцирано на денешната средба во Берлин меѓу министерот за надворешни работи Никола Попоски и неговиот германски колега Гидо Вестервеле.

- Тоа што заеднички треба да работиме на одржување на кредибилитетот на натамошно проширување е димензија која не мотивира и нас, но исто така треба да биде и поттик за сите земји членки заедно да работиме кон надминување на сите отворени прашања од билатерален карактер и зеднички да пратиме силен сигнал до целиот регион дека иднината е во рамки на НАТО и Европската унија. Тие силни сигнали ќе бидат поттик за сите политички актери насекаде во регионот да работат во ист правец. Германија е исклучително важен актер во двете семејства и поддршката од неа е од исклучително значење во овој правец,  изјави по средбата министерот Попоски.

Тој подвлече дека Македонија со присуството во рамки на мисијата на Авганистан останува посветена на исполнување на задачите како дефакто земја членка на НАТО, а во однос на интеграцијата во ЕУ оцени дека високиот дијалог за пристапување нуди одлична рамка за натамошно продлабочување на реформите и исполнување на критериумите во оние сегменти во кои од аспект на Унијата треба да се надгради дијалогот во иднина.  

- Мислам дека од исклучително значење ќе биде да се промовира овој дијалог како можност за приближување кон отпочнувањето на преговорите и натамошно остварување и приближување на Република Македонија кон ЕУ, рече Попоски.

Според него, Македонија мора заеднички да работи со земјите членки на обезбедување на кредибилитетот на овој процес, а придобивките ќе бидат заеднички како за нас, така и за земјите во регионот и за ЕУ и НАТО.

Самитот на НАТО во Чикаго, како што нагласи Попоски, не претставува никаква одредница за Македонија, но од исклучително значење за земјава е што поскоро да добие покана за членство.

- Воошто не сме преокупирани со очекувања дали во рамки на Самитот на НАТО во Чикаго ќе се случи покана или не. За Република Македонија е исклучително значајно тоа да се случи момент поскоро. Работиме во правец на остварување на таа цел и мислам дека Чикаго, кој е дефинитивно фокусиран на прашањата на мисијата во Аганистан и на мудрата одбрана, треба да биде задржан во тој сегмент. Ќе се обидеме да ги направиме што е можно поскоро видливи нашите контрибуции во двата сегмента и да потврдиме уште еднаш дека односот на Република Македонија е како на дефакто земја членка. Мислам дека Германија многу добро го разбира тоа и во тој правец заеднички ќе дејствуваме и во иднина, нагласи Попоски.

Шефот на македонската дипломатија ја продолжува посетата на Берлин со средба со советникот за надворешни работи на Канцеларката, Кристоф Хојсген, како и со состанок што го оранизира фондацијата Конрад Аденауер на кој од германска страна е најавено присуство на неколку германски пратеници кои го третираат прашањето на Македонија.

Претходно во германскиот Бундестаг министерот Попоски оствари средба со претседателот на Комисијата за европски прашања Гинтер Крихбаум на која од германска страна беше потенцирано дека е апсурдно билатералните спорови да се злоупотребуваат на неевропски начин за кочење на европските процеси.