Ставрески: Државата дава придонес во одржување на нивото на цените, вклучително и на бензините

Движењето на цената на нафтата е  прашање што ги засега сите земји, а Македонија во тој дел има најниски оданочувања и трошоци од аспект на државата. Државата колку што може во својот дел дава огромен придонес  за да се одржува нивото на цените, вклучително и на бензините.

Ова го изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, одговарајќи на новинарско прашање дали се размислува за намалување на акцизата за горивата.

Според Ставрески, државата дала огромен придонес со тоа што не ги зголемила даноците во овој период како што направиле скоро сите европски земји.

- Сите земји во ЕУ, 25 од 27 земји, во изминатиот  период го зголемија данокот и со тој данок ја оптоваруваат цената на бензините и сите други цени. Ние тоа не го направивме и стапката на ДДВ од 18 проценти во Македонија е практично најниска во регионот и пошироко во Европа, а другите земји во исто време одеа со покачување на стапките од 23, 25 отсто, некои дури и до 27 проценти, појасни вицепремиерот Ставрески, по потпишувањето договор за одбегнување двојно оданочување меѓу Македонија и Кувајт.

- Дадовме огромен придонес колку што може во својот дел за да се одржува нивото на цените вкупно во економијата вклучително и цената на бензините така што во тој дел Република Македонија го прави она што може,  додаде Ставрески. 

Тој посочи дека монетарната и фискалната политика ќе останат во рамки на планираното со што ќе биде остварен таргетот за инфлација годинава да остане на ниско ниво под три проценти.

-  Сметам дека најбитно прашање за движењето на инфлацијата е дали ќе имаме здрава фискална и монетарна политика, односно посветеноста на фискалната и монетарната политика за одбрана на таргетираното ниво на инфлација ќе бидат реализирани и во таа насока можам да ве уверам дека и јас и гувернерот ќе опстоиме на зацртаните политики, рече Ставрески.