Министерката Шахпаска во посета на СОС Детско село: Грижата за најмладите, особено децата без родители и родителска грижа е еден од нашите приоритети

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска беше во посета на СОС Детското село во Скопје, каде што се сретна и разговараше со лицата кои ја менаџираат работата во Детското село,  згрижувачите кои во улога на родители пружаат 24 часовна грижа и со дел од децата кои живеат во него.

На средбата стана збор за сите оние активности кои се имплементираат во сферата на социјалната реформа,грижата за децата без родители и родителска грижа, а со згрижувачите кои се во улога на родители за нивниот ангажман во склоп на СОС Детското село.

„Грижата за најмладите, особено децата без родители и родителска грижа е еден од приоритетите на Министерството за труд и социјална политика. Се согласивме дека таа грижа треба да биде континуирана, професионална од стручни  даватели на услуги кои ќе им даваат поддршка на децата во социјален ризик и ќе се грижат за нивниот воспитно-образовен процес и понатаму во нивната активација на пазарот на труд,“ посочи Шахпаска.

Министерката го посети и Ресурниот центар кој има за цел да ги зајакне капацитетите на семејствата за квалитетна грижа и заштита на своите деца и да пружи интервентна поддршка за децата и родителите во криза.

Ресурсниот центар вклучува едукативна поддршка, поддршка во храна, осигурување на нивното физичко, психо-социјално и емоционално здравје и унапредување на животните услови, со цел олеснување на пристапот до правата на децата за развој и заштита.
Во моментот во СОС Детското село  згрижени се 57 деца во 13 Згрижувачки семејства со дополнителна поддршка од стручен тим.