Премиерот Зоран Заев денеска имаше работен состанок преку видео врска, со претставниците на Министерствата за здравство, внатрешни работи и одбрана, како и припадниците на Црвениот Крст и Противпожарната бригада, кои изминатата година беа во првите редови во борбата и справување со кризата која произлезе од КОВИД-19. На состанокот премиерот Заев имаше можност изворно да се запознае и да се информира од одговорните кои целокупниот изминат период работеа во позадина и со своите активности придонесуваат во успешно справување со пандемијата.
Во името на Владата на Република Северна Македонија и во име на сите граѓани, премиерот Заев им се заблагодари на сите кои придонесоа во успешно менаџирање на кризата и рече:
„Во оваа борба, за совладување на здравствената криза со пандемијата, во првите редови се вклучени лекарите и целиот медицински и друг помошен персонал во болниците, припадниците на МВР, нашите граѓани во униформа и цивилниот персонал на Армијата, волонтерите на Црвениот Крст и на другите хуманитарни организации, припадниците на противпожарните единици и сите останати вклучени во системот за справување со кризи. Сите вие, изминативе месеци, сте на првата линија во борбата со опасниот и непредвидлив вирус, притоа доведувајќи го сопственото и здравјето на своите блиски во опасност“, истакна премиерот Заев.
Директорката на Клиниката за инфективни болести и координаторот на ковид центрите на интерните клиники докторите Милена Стефановиќ и директорот на Клиниката за пулмологија д-р Дејан Докиќ го информираа премиерот за моменталната состојба во клиниките и ковид центрите, оперативните планови кои се во функција и тековната координација околу очекуваното вакцинирање на популацијата со која ќе се стави крај на пандемијата.
Бригадирниот генерал Бесник Емини и потполковничката Елизабета Наумовска – Петрески брифираа за моменталниот ангажман на Армијата и Министерството за одбрана чии припадници се распределени на стратешки локации и им помагаат на здравствените власти и полицијата цел овој изминат период успешно да ја менаџираат состојбата на терен.
Армијата им припаѓа на граѓаните и тука е да служи на нивните потреби, целокупниот овој период припадниците помагаат и на терен но и во самите ковид центри со што се олеснува целокупниот притисок врз здравствениот систем истакнаа Емини и Наумовска – Петрески.
Началникот на Бирото за јавна безбедност Благојчо Спасов кој беше придружуван од неговите колеги од СВР Скопје и СВР Куманово - Насер Ајдини и Пеце Скаклески го информираа премиерот за моменталната состојба на терен, активностите на полицијата во спроведувањето на тековните задачи и задачите кои произлегуваат од одлуките на Владата за заштита на населението во услови на корона криза. Началникот на ЕИЈ од СВР-Скопје Скаклески информираше дека во тек на целата пандемија само на ниво на Скопје се исконтролирани и доставени околу 50.000 решенија за изолација и уште толку семејства и индивидуи се исконтролирани со што се спречува ширењето на вирусот и се штити населението.
На состанокот беа присутни и претставници на Црвениот Крст кои со преку 500 волонтери и мобилни тимови од почетокот на пандемијата се на терен и им помагаат на бездомниците, социјално загрозените семејства како и на граѓаните на кои им е потребна помош. Александра Ристовски, како координатор на програмите на Црвениот Крст, рече дека како организација се постојано и активно вклучени во помош на локалното население но и во помош на МВР и Армијата во случаи каде што има мигранти кои ја поминуваат нашата територија и на кои им е потребна помош, но и скрининг преку кој се набљудува нивната здравствена состојба и блокирање на можност за инфицирање со КОВИД-19. Тука се и мобилните тимови на јужната и северната граница кои се постојано на терен и нудат помош и поддршка на граѓаните.
Командантот на противпожарната бригада – Владимир Симоновски информираше за редовното работење на пожарникарите и нивните активности кои се ставени во функција на здравствениот систем, помош и поддршка на граѓаните во нивните дневни активности и потреби.
На крајот премиерот Заев им посака на сите пријатни претстојни празници со желба за здравје и успех во нивните работни задачи и им порача дека тие се хероите на нашето време!