Вицепремиерот Арифи на завршната конференција на проектот за поддршка на Заводот за статистика

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Теута Арифи, денеска се обрати на завршната конференција за проектот „Техничка помош за Државниот завод за статистика“, кој се реализираше со финансиска поддршка од Европската унија.

- Веродостојните статистички податоци се важни за да се утврди во кои области во општеството има напредок, а каде се потребни дополнителни интервенции. Република Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ се залага за воведување на европските стандарди во статистичките операции, и затоа Владата ги презема активности за јакнење на улогата на Државниот завод за статистика, рече вицепремиерот Арифи во своето излагање.  

Арифи потенцираше дека со тоа што ЕУ обезбедила помош за Македонија, уште еднаш потврдила дека е искрен  партнер на нашата земја во спроведувањето на европските реформи.

- Убедена сум дека таквото партнерство е најдобар начин да се координираат напорите на Владата и на Европската унија кон остварување на нашата заедничка цел - интегрирање на Македонија во ЕУ,рече Арифи.

Шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Аиво Орав, изразил задоволство од посветеноста на учесниците во овој проект и посочил дека во текот на изминатите две години, проектот придонел за значителен напредок во јакнењето на капацитетите на Заводот за статистика.

- Имајќи предвид дека има околу 200 директиви и регулативи на ЕУ кои се однесуваат на статистиката, нивната имплементација е голем предизвик и затоа потребно е капацитетите на Државниот завод за статистика да се јакнат и понатаму, истакна Орав.

Целата на овој проект беше да се подобри видот и калвитетот на официјалните статистички податоци кои ги објавува Државниот завод за статистика во согласност со европските и меѓународните стандарди. За реализација на проектните активности беа обезбедени финансиски средства во висина од 1,8 милиони евра.