Филипче: Со донацијата од германската амбасада се зголемува квалитетот на здравствена заштита во Поликлиниката Шуто Оризари

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, утрово заедно со амбасадорката на Сојузна Република Германија Анке Холштајн присуствуваа на примопредавање на донација од страна на Министерството за надворешни работи на Германија за Поликлиниката во општина Шуто Оризари. 

Во изјава за медиумите, министерот Филипче се заблагодари на амбасадорката Холштајн за поддршката и помошта која ја дава на здравствениот сектор од почетокот на ковид кризата и истакна дека се разговарало и за натамошно унапредување на здравствениот систем со помош на германската амбасада. 

„Ова е една многу значајна донација. За сума од 16 илјади евра се набавува значајна опрема која ќе служи во Поликлиниката во Шуто Оризари и се зголемува пристапот и квалитетот на здравствена заштита на граѓаните, во делот на лична заштитна опрема, кислород, кислородни маски, се тоа што значи брз пристап до еден одреден дел од системот на здравствена заштита. Во оваа поликлиника имаат пристап граѓани од многу ранливи категории. Ние во изминатиот период многу интензивно работевме и после подолг временски период на криза со изнаоѓање на гинеколог. Во овој момент трае постапката за набавка на опрема којашто ќе биде опремена оваа ординација. Конечно ќе има на располагање гинеколог во оваа општина на голем број на жени на коишто им е потребна таква здравствена услуга“, потенцираше Филипче.

Во Поликлиниката формиран е Центар за брзи тестови за ковид-19 и во континуитет  има дежурна екипа составен од лекар, медицинска сестра и лабораторија којашто на граѓаните од овој регион им е на располагање 24 часа во денот.

„Благодарение на Амбасадата на Кина во изминатиот период работевме и се заврши проектот за целосно реновирање на оваа Поликлиника и тоа ќе започне на почетокот на следната година. Уште еднаш голема благодарност на амбасадорката Холштајн за оваа континуирана поддршка на здравствениот сектор. Искрено се надевам дека таквата соработка и поддршка ќе продолжи и понатаму“, рече Филипче. 

Германската амбасадорка Холштајн истакна дека оваа донација е по иницијатива на Сојузната влада за време на германското претседателство во Советот на Европската Унија за помош на државите од Западен Балкан при пандемијата од КОВИД-19. 

„Со оглед на состојбите, главен акцент на нашето претседателство беше справување со пандемијата и нејзините последици. Овде, во регионот на Западен Балкан имаме партнери кои при борбата со ковид пандемијата можат да се потпрат на нас. Особено ни е важно што преку овие проекти можеме да помогнеме на ранливите групи и граѓани“, рече амбасадорката Холштајн и на граѓаните кои се борат со ковид им посака брзо оздравување, а на сите останати посака и понатаму да имаат добро здравје.