Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска одговара на пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.
„Финансиската состојба во државата е стабилна и има сериозно заживување на економијата, иако се случува вториот пик на пандемијата“, соопшти премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, одговори на пратеничко прашање од опозицијата, за насоченоста на парите од Буџетот.
1 милијарда и 100 илјади евра се за граѓаните, за 2020 и 2021 година, рече премиерот Заев и додаде дека се вратени и сите доспеани обврски на државата.
„Со четирите пакети економски мерки, сочувани се повеќе од 100.000 работни места. Помогнати се по разни основи над 400.000 граѓани. 65 милијарди денари директно се вбризгани во домаќинствата и во компаниите. Редовно е сервисиран Буџетот, редовно се пуштени парите во проток. Тоа не е дупка во Буџетот, туку помагање на нашиот народ и на здравствениот аспект на кризата. Државата се има откажано од приходи, за реализација на мерките и е подготвена и понатаму да развива мерки за помагање на граѓаните, сиромашните, работниците, домашните претпријатија“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, додаде дека фокусот е кон мерките, но дека се води сметка и за капиталните инвестиции, дека очекуваниот пад на БДП е поради намалувањето на увозот и извозот во работата на странските компании, како резултат на севкупната економија, но дека УЈП бележи зголемена на наплата на ДДВ, на средствата од данокот на добивка и на персоналниот данок од доход – што покажува стабилност и зголемувања на платите и „одлично ниво на одржливост“.