„Ден за вас“ - проект на Фондот за ПИОМ и МТСП за средби со граѓаните

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ПИОМ) Беким Незири денеска го означија почетокот на серијата средби со граѓани „Ден за Вас“.

На средбите преставници на стручните служби на Фондот и на Министерството ќе се обидат да им помогнат на граѓаните да ги решат проблемите со кои се соочуваат при остварувањето на правото на пензија.

Министерот за труд и социјална политика проектот го оцени како исклучително значаен за граѓаните, затоа што, како што рече, тие ќе можат да се посоветуваат како да ги решат прашањата и провблемите со кои се соочуваат во врска со комплетирање на стажот и целосното остварување на правото на пензија.

Ристовски, на денешната промоција на aктивностите имаше можност да чуе дел од проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

- Станува збор за проблеми од типот некомплетен стаж, недостиг на одредени документи, пропуштени периоди на работа од страна на компании во кои ги реализирале своите работни обврски. Ние ќе се обидеме да помогнеме преку нашите стручни служби и евиденциите кои ги имаме во нашите институции. Имаше и корисници кои сметаат дека недоволно или нецелосно им е пресметан износот на пензија. Во тој дел може да се направи проверка на пресметката, можеби има пропсти. Како и да е, на ваков начин секој граѓанин на поедноставен начин ќе може да ги оствари своите елементарни права, рече министерот Ристовски.

Ставот дека овие отворени денови ќе им бидат од помош на грашаните го дели и директорот на Фондот за ПИОМ.

- Со оваа активност на сите граѓани на експедитивен начин ќе им биде објаснето како да го остварат правото за пензија, кој е најбрзиот начин тоа да го направат, која документација е потребна, а низ директни контакти ќе можат и да допбијат одговори на прашањата за стаж остварен надвор од државата, рече Незири. 

Тој најави дека активноста ќе се спроведува во целата држава односно во седум региони, тетовско - гостиварски, кичевско - струшко - охридски, велешки, штипски, струмички, кумановски и битолски регион. За местото и времето на одржување на средбите граѓаните дополнително ќе бидат информирани.