Попоски: Македонија може да смета на данската поддршка за евроатланските процеси

Македонија може да смета на поддршката од Данска за евроатланските интеграции. Актуелениот претседавач со Европската унија останува на ставот за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Овој став на земјата претседавач со Унијата денеска во Копенхаген му ја пренесе данскиот министер за европски прашања Николаи Вамен на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

- Проширувањето ќе остане во доменот на активностите на данското претседателство. Она што досега беше преземено од наша страна е поздравено. Се надеваме дека ќе постигнеме и напредок кон дефинитивно отпочнување на преговорите со Европската унија, изјави по средбата министерот Попоски.

Македонија, рече, мора максимално да ја искористи оваа можност и да работи во правец на официјалнно отпочнување на преговорите што е можно поскоро.

- Она на што посветено ќе работиме е да го скратиме максимално периодот којшто ќе ни биде потребен за официјалните преговори со ЕУ. Мислам дека тука се идентификуваме со интересите како на Данското претседателство, така и на Европската комисија. Во тој поглед Данска ги изрази очекувања дека ќе биде инволвирана и ќе го поддржува процесот на проширување на нашиот регион и по завршување на нејзиното претседателство и заедно ќе работи во рамки на триото за претседавање со ЕУ, нагласи Попоски.

Заеднички став е дека билатералното прашање е опструкција која подолг период го спречува донесувањето конечна одлука за отпочнување на преговорите.

- Сметаме дека е исклучително значајно да ја задржиме методологијата која била применета во сите претходни проширувања. Република Македонија сака да се види како дел од семејството час поскоро. Од тој аспект ги делиме истите цели со Данското претседателство и климата која би се креирала во рамки на сите земји членки сигурно би требало да придонесува во правец на надминување на  билатералните спорови во текот на пристапувањето. Мислам дека во тој поглед имаме презентирано многу аргументи дека статусот на Република Македонија без отпочнати преговори не овозможува да се промовира кредибилитетот на  овој процес, истакна Попоски.

Според шефот на дипломатијата, отпочнувањето на преговорите ќе биде значајно за целиот регион бидејќи ќе се прати силен сигнал дека посветеноста останува и оти иднината на сите земји од регионот е во ЕУ.  

Двајцата соговорници разменија и мислења за ефектите од  справувањето со должничката криза која зафати поголем дел од европските земји. Она што е значајно е дека од страна на Данска како претседавач се преземени чекори кои водат во вистинска насока.

Министерот Попоски денеска во данскиот Парламент ќе се обрати на конференцијата Европските перспективи на Македонија што ја организира Данското европско движење.