„Дрeкслмајер“ ќе гради фабрика во Кавадарци, инвестиција од најмалку 20 милиони евра и 4.000 вработувања

Германската „Дрeкслмајер груп“ објави оглас за избор на врниот менаџерски тим во фабриката  што ќе ја гради во Кавадарци каде планира да иневстира најмалку  20 милиони евра и да отвори 3.000 до 4.000 вработувања. Ќе произведува електроника и електронски кабли за автомобили, кои ќе бидат наменети за германскиот пазар.

- Според нашите проценки очекуваме над 100 милиони евра  извоз на годишно ниво, од кои  нето од 40 милиони  ќе бидат додадена вредност во Македонија. Со оваа инвестиција ќе имаме можност да бидеме една од ретките земји кои се нето извозници за  Германија, изјави денеска министерот за странски инвестиции Веле Самак.

Главен клиент на „Дрeкслмајер груп“ за фабриката во Кавадарци е „Мерцедес“, а соработува со сите премиум автомобилски  брендови од Германија.

Според првичните планови, во првата година од  стартот на инвестицијата ќе бидат вработени 300 до 400 лица, а во наредните три години бројката на вработени треба да достигне 3.000 до 4.000.

Со огласот за избор на  врниот менаџерски тим,  германската фирма бара лица за позициите технички, комерцијален, финансов и кадров директор, како и асистент менаџер. Следната недела ќе биде објавен и оглас за 10 до 15 менаџерски позиции за шефови на производство, за квалитет, логистика,  инжинерски позиции. За неколку месеци, кога ќе почне  реализацијата на нивната инвестциија, ќе имаат огласи и за останатите  позиции.

- Ова е одлична можност за многу луѓе кои  се наоѓаат себеси во  ваква струка и професија  да аплицираат за фирма која за некоја година ќе стане можеби најголемиот работодавач  во Македонија, рече Самак.

Германската фирма претежно бара луѓе  со искуство во приватниот сектор од производните сектори, индустријата,  а  поволност е искуството во автомобилската индустрија. Примарно е и знаењето англиски јазик. Се бара знаење и германски јазик, но не е пресудно за сите позиции.

Македонската работна сила, смета Самак, може да одговори на условите што се  бараат на огласите. -  Ниту јас ниту германската фирма не веруваме дека нема да се најдат лица кои ќе ги  исполнат критериумите за  менаџерските позиции.  Во Македонија има многу луѓе кои можеби го немаат автомобилското индустриско искуство,  но имаат менаџерско искуство, потенцијал, знаење и странски јазици за да се прилагодат доста брзо, посочи Самак.  

Тој информира дека германскиот инвеститор ја потврдил одлуката за вложување во декември лани. Главната причина за локацијата  на инвестицијата, посочи, е големата невработеност во регионот.  Се отвора можност за вработувања на лица од Кавадрци, Неготино, Велес,  Прилеп, во кои има голема невработеност.

„Дракслмајер груп“  е една од најголемите  компании за производство на авто-делови. Во нејзиното портфолио се присутни изработки за  BMW, Mercedes-Benz, Porche, Audi, Bugatti, Jaguar.... Основана e во 1958 година и има 53 фабрики низ светот.