Тодоров го посети пунктот за бесплатни превентивни прегледи во ТЦ „Лептокарија“ во рамки на акцијата „Здравје за сите“

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети пунктот за бесплатни превентивни прегледи поставен во средиштето на Трговскиот центар „Лептокарија“, општина Карпош, во рамки на акцијата „Здравје за сите“ што ја организира ЈЗУ „Здравствен дом - Скопје“.

Превентивните прегледи за граѓаните кои почнаа во 8 часот и ќе се прават до 14 часот, ги вршат лекарски екипи од ЈЗУ „Здравствен дом - Скопје“. Министерот Тодоров изрази задоволство што интересот на граѓаните за прегледите е голем и посочи дека до пладне се прегледани над сто граѓани.

- Со акцијата сакаме да помогнеме на поголем број луѓе да можат да направат бесплатни прегледи за проверка на шеќер, холестерол, тежина, висина и да добијат совети за заштита и грижа за нивното здравје од доктори, имајќи ги предвид резултатите кои ќе ги добијат од анализите. Во рамки на Министерството соодветно се спроведува програмата „Здравје за сите“ која треба да обезбеди активни или поголем број вакви превентивни прегледи, истакна Тодоров.

Со превенцијата, посочи тој, се намалува притисокот на јавното здравство, односно со неа може да се спречат лекувања кои се поскапи потоа.

- На овој начин денеска почнуваме од Карпош, а во наредниот период ќе продолжиме на повеќе локации низ Скопје. Подготвуваме и голема акција на цела територија на Македонија која е слична на денешната акција. Со акцијата за бесплатни превентивни прегледи ќе бидат опфатени и руралните средини, додаде Тодоров.