Со средства од ЕУ ќе се подобрува вклучувањето на ранливите групи и лицата со инвалидитет на пазарот на труд

Во наредните 20 месеци во Македонија со 1,5 милиони евра, средства обезбедени од европските фондови ќе се спроведува проектот „Поттикнување на социјалната инклузија и инклузивен пазар на труд“ чија главна цел е градење на институционални капацитети, развој на човечки ресурси и подобрување на ефикасноста на социјалните установи за поттикнување на социјалната инклузија кај ранливите групи.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој денеска присуствуваше на конференцијата со која беше означен почетокот на проектот, смета дека тој е од исклучително значење пред се поради фактот што ќе придонесе за поголема инклузија на ранливите групи, нивно вклучување на пазарот на труд. Најголем дел од лицата кои спаѓаат во овие категории, рече, не се виновни за состојбата во која се наоѓаат. Затоа, додаде, општеството е должно да помогне.

- Излезот од состојбата на сиромаштија и социјална исклученост  најдобро може да се надмине преку поврзување на давателите на социјални услуги и центрите за социјална работа, односно преку зајакнување на потенцијалите за вработување на ранлизвите категории на граѓани и нивна поддршка при влезот на пазарот на труд, нешто што ќе се направи со овој проект. Со нивно вработување ќе дојде до прекинување на таканатеречниот маѓепсан круг на сиромаштија-невработеност-исклученост-обесправеност, рече министерот Ристовски.

Проектот, кој е финансиран од ИПА фондовите на Европската унија, треба да ги зајакне човечките ресирси во сите институции кои работат со ранливите групи, но и на самите лица кои спаѓаат во овие категории и работодавачите.

- Проектот е наменет за јакнење на човечките тресурси во државните институции, локалната заедница, работните организации, каде треба да се унапреди знаењето на сите кои работат со ранливите групи и со лица со инвалидитет. Цел на проектот е да се поврзат сите учесници кои работат со ранливите групи, за да им се овозможи што поефиканско да ги вклучат во пазарот на труд.  Исто така, се предвидуваат работни тренинзи кои ќе ги обучат ранливите групи побрзо и поуспешно да се вклучуваат во работната средина, рече Стојан Загорац, тим-лидер на проектот.

Тој додаде дека важно е и тоа што ќе се препорача како да се направи единствена дата база на податоци која ќе овозможи полесно креирање на државните политики и мерките за активна политика на вработување, која, како што рече, ќе овозможи што е можно поефикасно да се вработуваат лица со инвалидитет и други ранливи групи.

Загорац појасни оти во рамки на проектот ќе се спроведе и кампања преку која ќе се објаснува како да се развие социјална економија, која е целта и предностите на таквата економија, но и ќе ја подигне јавната свест за фактот дека цивилизациското ниво на една земја е многу повисоко доколку повеќе се грижи за ранливите групи.