Зголемен бројот на решени предмети во судовите

Во сите судови во Република Македонија бројот на решени предмети во 2011 во споредба со 2010 година е зголемен за 6,3 отсто, а бројот на нови примени предмети во работа за овој период е намален за 17,4 отсто, информира на денешната прес-конференција министерот за правда Блерим Беџети.

Како резултат на пренесувањето на неспорните предмети во надлежност на нотарите, извршителите и Управата за јавни приходи, тој рече дека бројот на нерешени предмети во сите судови на крајот на 2011 во споредба 2010 година е намален за 463.841 или за 68,4 отсто.

Министерот за правда исткна дека со презентирањето на статистичките податоци за работата на судовите се добива слика и за успешноста во примената на новите законски решенија, чија цел е забрзување на судските постапки и намалување на бројот на предметите во судовите.

- Со сите овие реформи  во судовите остануваат само спорните предмети на кои идниот период треба да биде ставен приоритет во одлучувањето, додаде министерот.

Според него, карактеристично за работата на основните судови во 2011 година е дека приливот на нови предмети во споредба со 2010 година е намален за 124.096 предмети или за 19,6 отсто.  - Бројот на нерешените предмети во основните судови на крајот во 2011 во споредба со 2010 година е намален за 467.783 предмети, односно 71,4 отсто. Наведениот прогрес е резултат на зголемениот број на решени предмети на судовите и на пренесувањето на одредени неспорни предмети во надлежност на други органи, рече Беџети.

Говорејќи за истражните предмети, посочи дека приливот на нови истражни предмети во 2011 во основните судови целосно е совладан, како и бројот на кривични полнолетни предмети.

Во однос на граѓанските предмети забележано е дека приливот на нови предмети во 2011 е зголемен за 7 отсто, но како што рече Беџети, и покрај зголемениот прилив на граѓански предмети во основните судови, тој е целосно совладан.

- Приливот на стопанските предмети во 2011 година е целосно совладан, со тоа што се примени 10.257, а решени се 13.941 предмет. Бројот на нерешени стопански предмети во основните судови на крајот на 2011 во споредба со истиот период во 2010 година е намален за 3.896 предмети или 40,3 отсто, истакна тој.

Според статистиката на Министерството за правда апелацсиките судови целосно го совладале прилеивот на нови предмети во 2011 година. - Во 2011 година апелациските судови во споредба со 2010 година решиле повеќе 172 предмети, додаде Беџети.

Тој посочи дека изминативе години Управниот суд забележува тренд на зголемување на решените предмети, додека новоформираниот Виш управен суд во 2011 година примил 55 од кои во текот на годината решил 50 предмети.

Говорејќи за работата на Врховниот суд, министерот за правда посочи дека и во оваа институција се бележи тренд на зголемување на решени предмети. - Во Врховниот суд на Република Македонија во 2009 година биле решени 2.828 предмети, во 2010 година - 3.371 предмет и во 2011 година биле решени 4253 предмети, рече Беџети.

Во контекст на тоа посочи дека во 2010 година Одделот за судење во разумен рок во рамките на Врховниот суд решил 583 предмети, додека во 2011 година 962 предмети.