Бесими во Данска и Италија ја продолжува интензивната дипломатија за членството во НАТО

Евроатлантските интеграции - членството во НАТО и во ЕУ како стратешка определба на Република Македонија, учеството во мировните мисии, реформите за исполнување на стандардите на Алијансата и уште постабилен регион за економски развој, е пораката што македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими ја пренел во досегашните средби со негови колеги од Турција, Канада, Норвешка, Велика Британија и други, како и на конференции во Брисел, Минхен, САД...

Оваа порака министерот Бесими и во наредните две недели ќе им ја пренесе на министрите за одбрана на Данска и на Италија, но и на неговите колеги од Јадранската група за време на конференцијата „Заеднички предизвици и здружени решенија“, што ќе се одржи во Скопје на 28 и 29 март, како и при посетата на командата на СЕЕБРИГ бригадата во Лариса, Грција.

Бесими укажувајќи на важноста на одбранбената дипломатија во лобирањето за полноправно членство на Македонија во НАТО, на денешниот брифинг ја нагласи средбата со неговиот дански колега, најавена за утре, прва официјална на министри за одбрана на двете земји од постоењето на независна Македонија. Данска, како претседавач со ЕУ, подвлече тој, и уште повеќе како најголем донатор со 320 илјади евра за опремување на полигонот „Криволак“ е од голема важност не само за одбраната, туку и за Република Македонија. За Италија, пак, посочи дека покрај тоа што е земја членка на НАТО, од исклучително значење е нејзината заинтересираност за евроатланските интеграции на земјите од регионот. Македонското Министерство за одбрана има потпишано План за соработка за 2012 година со Италија, додека Спогодбата за соработка со Данска е потпишана во 2012 година.

Во Лариса, информира Бесими, не е исклучена и можноста за средба со грчкиот министер за одбрана, потсетувајќи оти во декември 2011 година е потпишан план за соработка.

На новинарско прашање какви се очекувањата од Самитот на НАТО во Чикаго, дали постои можност Македонија да стане членка под референцата ПЈРМ, министерот Бесими посочи дека таа опција е отворена доколку со тоа се согласи Грција. Според него, таквото решение не би претставувало отстапување и за двете страни од нивните позиции за името. Бесими дециден дека Македонија не би сакала да се повтори Букурешт, иако Чикаго, како што рече, не е одреденица затоа што ќе се продолжи со реформите кои се во интерес на земјата.

- Ова е маратон, бара кондиција и мора да се истрча до крај. Народот треба да знае дека не треба и нема да се откажеме од членстовот во НАТО, како стратешка цел, за подобра иднина, рече на денешниот брифинг министерот за одбрана ФАТМИР Бесими.