Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, денеска оствари средба со претседателката на собраниското тело, Комитет за односи меѓу заедниците, Арбана Пашоли.
На средбата беше разговарано за улогата на Комитетот во остварување на правата на заедниците во Република Северна Македонија.
Националниот координатор Роберт Алаѓозовски зборуваше за целта и улогата на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година, документ кој беше изработен од експертски тим, релевантни државни институции и невладини организации. Алаѓозовски се осврна подетално и на Акцискиот план кој ќе помага за поуспешно да се остваруваат целите на Националната стратегија, при што беше оценето дека во оваа насока Комитетот за односи меѓу заедниците може многу да придонесе.
Претседателката на Комитетот, Пашоли ги запозна присутните со работата на Комитетот и за идните планови, притоа истакнувајќи ја Предлог-програмата за работата на Комитетот за односи меѓу заедниците која се очекува да се оствари во текот на 2021 година.
Соговорниците се согласија за важноста на меѓусебната соработка преку разменување на релевантните информации.
Пашоли се заблагодари на Националниот координатор за средбата и изрази желба и подготвеност да придонесе во насока на интеркултурализмот и истакна дека очекува во иднина уште повеќе да се интензивираат овие средби и заеднички активности.