Отворен Центар за интеркултурни студии и истражувања на Филозофскиот факултет во Скопје

Центар за интеркултурни студии и истражувања денеска беше отворен на Филозофскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Овој Центар ќе ги поддржува академските и истражувачките активности преку формирање база на податоци составена од стандардна библиотека со публикации и списанија кои ќе ги поддржуваат интеркултурните студии и истражувања, веб база на податоци со различни ресурси и линкови за интеркултуролошки студии, публикации за обука и образовни публикации и одржување архива на податоци и истражувања.

На отворањето на Центарот присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски, деканот на Филозофскиот факултет Горан Ајдински, проректори на УКИМ, Мајкл Шулц од партнерската институција, Универзитетот Гетеборг, професори и студенти.

- Како претседател на Националната комисија за УНЕСКО на Македонија, минатата година кога го означивме официјалниот почеток на работата на првата катедра на УНЕСКО за „Медиуми, дијалог и заемно разбирање“, формирана при Високата школа за новинарство и за односи со јавноста потенцирав дека наша цел е да го поттикнеме остварувањето на политиката на дијалог меѓу културите, како и остварувањето на универзалниот културен простор по принципот на еднаквост, почитување и уважување на различностите, рече Канческа-Милевска.

Таа информира дека се создава нов образовен и истражувачки простор за соработка меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Филозофскиот факултет, Министерството за култура и Националната комисија на УНЕСКО, како и националните и меѓународни партнери на Центарот.

- Убедена сум дека Центарот за интеркултурни студии и истражувања не само што ќе обезбеди зајакнување на капацитетот за интеркултурното образование и истражувања, туку ќе биде вистински форум за дијалог и комуникација меѓу експертите, професионалците, младите луѓе и студентите, активистите и лидерите, истражувачите и медиумите, посочи Канческа-Милевска и додаде оти Владата е целосно посветена на процесот на интеркултурниот дијалог и остварувањето на интеркултурната соработка и комуникација.

Деканот Ајдински истакна дека конституирањето на Центар за интеркултурни студии и истражувања е од исклучително значење за Филозофскиот факултет, како најстара високо-образовна академска институција во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Ајдински верува дека Центарот ќе даде значаен придонес во развојот на образовните и демократски вредности во македонското општество, особено со промовирањето и почитувањето на вредностите на мирот, конструктивно разрешување на конфликти и демократски дијалог, почитување на човековите права и толеранција...

Во Центарот ќе функционираат две програми за магистерски студии (Интеркултурни студии и Студии за разрешување конфликти). Програмата за Интеркултурни студии е во фаза на акредитација, додека Студиите за разрешување на конфликти претставуваат заедничка програма помеѓу националните партнери (УКИМ, УЈИЕ и ДУТ) и Универзитетот од Гетеборг. Заедничката програма функционира од академската 2010/11, а втората генерација студенти е запишана во 2011/12. Програмата за последипломски Интеркултурни студии е во процедура на акредитација и ќе функционира од следната академска година.