Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска оствари средба со претседателката на Националниот совет за безбедност и здравје при работа (БЗР),проф. Д-р Чаловска и проф. Д-р Караџинска Бислимовска, членка на Советот на БЗР.
На средбата се разговараше за значењето, начинот на работа и дејствувањето на Советот за безбедност и здравје при работа, како највисоко експертско советодавно тело на Владата на Република Северна Македонија.
Претставничките на Советот информираа за досегашната работа и реализирани активности во рамки на Советот, кои во изминатата година воглавно беа во знакот на заштитата и справувањето со ризиците поврзани со пандемијата на КОВИД-19.
„Безбедноста и здравјето при работа има огромно значење за нас како општество и затоа треба сите ние заеднички да работиме на негово унапредување и во легислативна смисла, но и во неговата имплементација,“ посочи министерката Шахпаска.
Таа ја истакна важноста на подготовката на новото законско решение за безбедност и здравје при работа кое треба да одговори на потребите на едно современо општество, на кое безбедноста и здравјето на работниците му е високо на агендата на неговите приоритети.
На средбата стана збор и за активностите поврзани со изготвувањето на нова Стратегија и Акциски план за безбедност и здравје при работа, имајќи предвид дека периодот на важност на тековната Стратегија и АП изминува и тие треба да бидат заменети со нови стратешки документи. Улогата на Советот во овие процеси ќе биде од клучно значење . Важно да се има предвид дека во истиот овој период веќе е во тек и подготовката на новата Стратешка рамка на ЕУ за БЗР за периодот 2021-2027, која е важна за нас земја – кандидат за членство во Унијата и треба да ги имаме во предвид.
Министерката посочи дека Министерството ќе продолжи со заложбите за унапредување на здравјето на работниците и безбедноста на работните места, како и превенцијата од несреќи и заболувања поврзани со работата и работните места.
Соговорниците изразија задоволство за остварената средба и поддршката која ја дава Министерството за труд и социјална политика кон ова тело, што ќе придонесе за поголема видливост на работата на Советот за БЗР, при што беше потенцирана и заедничка подготвеност за уште поголемо продлабочување на соработката во наредниот период.