Опаѓа бројот на новозаболени од туберкулоза во Македонија, над 90 отсто излекувани

Континуирано опаѓа бројот на новозаболени од туберкулоза во Македонија, а процентот на излекувани е над 90 отсто. Во 2011 година се регистрирани 362 пациенти заболени (стапката на новозаболени е 17,6 на 100.000 жители) и државата се вбројува во земјите со ниска стапка на заболени од туберкулоза, истакна денеска министерот за здравство Никола Тодоров на прес-конференција по повод 24 март, Светски ден на борба против туберкулозата. 

Ова, посочи тој, укажува дека туберкулозата може да се излекува, а лекувањето за сите граѓани во Македонија е бесплатно и државата континуирано работи на создавање подобри услови за лекување и третман на овие болни.

Тој потсети на некои од позначајните мерки и активности кои се преземаат, како што се процедурата за набавка на нова медицинска опрема и потрошен медицински материјал, набавка на современа апаратура за матичните лекари со цел брзо препознавање на заболувањето, на специјализирано возило за рано откривање случаи со туберкулоза кај високоризични групи, како и надградба на електронскиот систем за регистрирање и известување.

- Вредност на сите планирани набавки е околу 600.000 евра за годинава, а средствата се обезбедени од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија. Почнуваме со кампања за борба против туберкулозата. Во соработка со Македонската опера и балет, во рамки на Мајските оперски вечери на 9 мај ќе биде изведена операта „Травијата“, а средствата од продадените билети ќе бидат наменети за унапредување на условите за лекување на Институтот за белодробни заболувања, додаде Тодоров.

Директорката на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Билјана Попоска Илиевска рече дека во светот годишно се откриваат нови осум милиони случаи со туберкулоза, а околу два милиони луѓе умираат од оваа болест.

- Околу 85 отсто од случаите со туберкулоза во светот се концентрирани во земјите на африканскиот и азискиот континент. Балтичките земји водат со најголем број случаи со туберкулоза. Во светски рамки вкупниот број на заболени се намалува односно се забавува интензитетот на новите случаи, рече Попоска Илиевска и укажа на појавата на резистентни форми на туберкулоза и коепидемијата меѓу ХИВ инфекцијата и туберкулозата.

Резистентните случаи, посочи таа, исфрлаат во околината бактерии резистентни на некои од лековите со кои можеме да ги лекуваме болните. - Во светот има половина милион случаи со резистентна форма на тубекулоза. Во Македонија во моментот се лекуваат пет болни со мултирезистентна форма на туберкулоза, а меѓу нив е еден случај со екстремно резистентна форма на болеста, истакна Попоска Илиевска.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во 2011 година се регистрирани 34 новозаболени деца од туберкулоза односно 9,3 отсто од вкупниот број заболени, што е значително помал процент споредено со пред седум години кога тој изнесувал од 11 до 13 отсто.