Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 44-та седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На денешната седница пред министрите на Владата ќе се најде Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за инвестициски фондови.
На предлог на Министерството за финансии на оваа седница на дневен ред е и Извештајот за завршени преговори за склучување на Договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за поттикнување и заемна заштита на инвестиции.
Министрите денеска ќе расправаат и за Предлог-програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година, како и за Информацијата во врска со реализација на Проектот за колекторски систем од Радожда до Калишта-Струга.
Редовната 44-та седница на Владата е предвидено да започне во 12:00 часот и за донесените одлуки јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.