Груевски: Растот на БДП во 2011 приближен на владината проекцијата

Македонија по остварениот раст на БДП од три проценти за минатата година е на петто-шесто место од сите земји во Европа што е релативно добро гледано за таква година и во такви околности и опкружување, изјави денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови 15 наслови од владинот  проект за превод на 1.000 стручни книги.

Растот на БДП во 2011, посочи премиерот, е приближен на проекцијата. Во првата половина од минатата година беше 5,1, но потоа силно зафати кризата во Европа и во третиот, а особено во четвртиот квартал, дојде до забавување на растот, рече Груевски.

Според премиерот на прв поглед може да се види дека растот во голема мера бил придвижен од градежништвото во кое, посочи,  Владата многу инвестираше и јавно кажуваше дека тука ја гледа шансата за да се помине кризата со помали штети. - Тоа се покажа дека е исправна политика, истакна претседателот на Владата.

За некого, додаде, е изненадување дека во врвот на гранките со најголем раст е и туризмот, но за мене не е изненадување бидејќи веќе втора - трета година многу вложуваме. Формиравме специјален Комитет за развој на туризмот што јас го водам. Имаме и меѓународна кампања што трае три години и многу други работи кои почнуваат да даваат резултат. Туризмот има малку повисок раст од градежништвото меѓутоа градежништвото има поголем опфат во БДП и е главната влечна сила во економијата во 2011 година, укажа премиерот Груевски.

Според него добро е се додека трае европската должничка криза да се обрне внимание на тој сектор кој кога расте има влијание и на растот на други 26 сектори со кои е поврзан.

- Значајно  е и дека лани имавме пораст на извозот од околу 14 проценти, а увозот порасна за 7,7 отсто, што покажува дека имаме значаен раст на извозот и доволен раст на увозот, рече Груевски и додаде дека е добро кога увозот расте во делот на опрема и машини.

Премиерот воедно посочи дека последиците од должничката криза во Европа се уште траат и влијаат на нашиот  економски развој зашто 90 отсто од нашите производи одат во Европа.  - Добро е што има стабилизација на еврото, а се чини дека на добар пат е и состојбата со најголемите должнички држави кои  на некој начин се генератори на должничката криза. Тоа дава некаква надеж дека  можеби во втората половина од годинава ќе имаме добри услови за економијата во Европа што секако ќе ни ги одврзе рацете и на нас, односно нашите мерки и реформи да дојдат до израз и повторно да отидеме со повисок раст, изјави Груевски одговарајќи на новинарски прашања.