Груевски: Новиот закон за лустрација ќе расчисти одредени дилеми

Новиот закон за лустрација ќе рачисти одредени дилеми. Доколку Парламентот го прифати, во рок од 30 дена на интернет ќе се објават досиејата на оние личности опфатени со законот. Секој граѓанин ќе може да прочита и да види дали некој бил или не бил соработник на службите, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

- Долго време особено противниците на овој закон и на овој пристап говореа дека можеби некој ги штима и ги мести работите, дали навистина некој бил кодош, дали некој го наместил... Доколку Парламентот го прифати новиот закон, во рок од 30 дена на интернет ќе се објават сите досиеја на оние личности што ги опфаќа законот. Секој граѓанин ќе може да прочита и да види дали некој бил или не бил кодош. Нема да има дилеми дали е тоа политички монтирано или не. На некој начин и се помага на Комисијата за лустрација, која досега немаше право да извади каков било доказ во јавноста за одлуката што ја донел се додека не заврши судската разврска. Лицето пак, за кое беше донесена одлука да биде лустрирано имаше право да излезе на телевизија, да мавта со некакви листови и да покажува дека е невино осуден и оти е неправедно постапено кон него, изјави Груевски.

Според него, се намалила довербата кон Комисијата бидејќи таа молчела зашто по закон мора да молчи.

-  Сега се оди по еден друг редослед. Во рок од 30 дена досиејата на сите оние што се опфатени со законот ќе бидат ставени на интернет, без бришење на имиња, односно така како што се во оригинал ќе бидат копирани и ставени на интернет. Дополнително секој ќе може да оди во Архивот и да го види оригиналот ако не му верува на тоа што е на интернет. Оваа нова етапа ќе ги разбие сите дилеми. Нормално Комисијата потоа ќе ги анализира сите и ќе носи оценка кој како постапувал и ќе го врши понатамошниот процес на лустрација, вели премиерот, кој денеска ги промовираше нови наслови од проектот за предвод на 1.000 стручни книги.

Во врска со проширувањето на опсегот со лица кои стекнале капитал во претпријатијата со општествена сопственост, согласно Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал, тој рече дека тие биле, а некои и се уште се активни чинители во општествениот живот.

- Тоа се луѓе кои биле активни актери, учесници... кои со законите од деведесетите години добија можност законски, за симболични суми да им бидат поклонети најголемите фабрики со огромни капацитети на одредени луѓе кои ја искористија таа можност. За жал тоа беше време кога 200 илјади работници останаа без работа, кога околу пет милијарди капитал за неколку години отиде во приватни раце на начин кој што беше навистина чувствителен. Добро е да се види нивната улога. Неможам да кажам дали тие се или не се учесници во работи од ваков вид, но добро е да се види дали имало вакво нешто. Тие се многу активни учесници во општествениот живот во тој период, а голем дел од нив и во денешниот, рече Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање тој истакна дека не се занимавал со „должината на списокот“. - Немам некои задни намери. Не сакам за никого да прецизирам дали или не е учесник во некакви работи од ваков вид. Најдобро да си излезат досиејата  на сите кои согласно законот се опфатени, да си види народот, Комисијата да види и да оцени, да се провери добро и да се анализира. Не е добро кој било што е невин да се стави на тапет дека е виновен, но не е исто така добро некој што бил виновен да се затскрива зад некои законски слабости кои постоеја во минатото од причина што, како што кажав предмалку, Комисијата немаше право да излезе со никаков доказ и таа молчеше, вели тој. Тие луѓе треба да бидат обелоденети бидејќи дел од нив се и денеска активни и учествуваат во јавниот живот, или би можеле да учествуваат.

Сега, според Груевски, ќе имаме една комплетно чиста ситуација. - Секој граѓанин да може да се увери во работите и мислам дека е добро за прочистување на нештата и за затворање на една етапа од транзицијата, но и од еден прилично мачен режимски период кога огромен број луѓе поигрувајќи си со судбината на други луѓе заради личен, честопати материјален и кариеристички интерес кодошеа свои блиски луѓе, пријатели, во делот на нивното идеолошко и политичко размислување, изјави премиерот.

Според Груевски најверојатно ќе има опструкции во врска со предлогот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на нов закон за лустрација.

- Веројатно ќе има опструкции. Ова е таква работа во која што некои луѓе се чувствуваат засегнати и ќе направат се што е во нивна моќ да го спречат тоа. Мене ми е жал што оваа работа не е завршена во деведесетите години, односно година две по создавањето на државата. Тогаш требало да заврши оваа работа, но очигледно во тој период немало доволно политичка волја и после 15, 16 години со доаѓањето на власт на оваа политичка гарнитура започна овој процес  и веднаш се соочивме со многу опструкции на различни нивоа. Мислам дека овојпат работите ќе бидат кристално јасни затоа што ќе бидат толку многу транспарентни што нема да може некој така лесно да ги опструира, истакна премиерот.