Груевски: Германската инвестиција во Кавадарци успешна приказна на владините напори за привлекување нови компании

Инвестицијата на германски Дракселмајер во Кавадарци е една од успешно завршените приказни на нашите напори за привлекување  нови компании во Република Македонија кои ќе отворат нови работни места, оцени премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање.

- Само со оваа зделка се оправдува целокупниот труд и средства што беа вложени досега за привлекување странски инвестиции. Доколку во овој период не се случеше светската  екномска криза и европската должничка криза многу побрзо ќе се видеа овие ефекти, изјави Груевски по промоцијата на нови наслови од Проектот за превод на 1.000 стручни книги на Медицинскиот факултет во Скопје. 

Со влегувањето на оваа компанија, додаде, мислам дека ќе се намалат аргументите на многу критичари на нашите економски политики во делот на привлекување инвеститори, особено на оние што критикуваат зошто имаме министри за инвестиции, инвестициски промотори и зошто Владата се претставува пред инвеститори во други држави или зошто имаме меѓународна медиумска кампања за привлекување инвеститори.

- Мило ми е што оваа компанија веќе објави оглас за вработување. Нивната крајна цел е да вработат околу 4.000 лица. Верувам дека за две до три години ќе успеат да дојдат до таа бројка што ќе значи економски препород за tиквешкиот регион, рече Груевски, нагласувајќи дека ќе има и индиректни вработувања на оние што ќе соработуваат со таа фабрика.