Адеми: Забрана за вршење внатрешен промет на предмети од метал

Владата на Република Македонија  донесе заклучок да се донесе „Наредба за забрана за вршење внатрешен промет, откуп во Македонија како и извоз од Македонија на отпадоци и остатоци на прозводи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк калај, бронза и месинг за период од шест месеци“. Ова го истакна на денешната прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми додавајќи дека ваквата постапка е резултат на зачестените кражби на предмети од метал кои се во општа употреба.

- Со овие кражби се нанесува голема штета на стопанството, како и на безбедноста на граѓаните на Македонија. Согласно овластувањата во изминатиот период Државниот инспектор за животна средина утврди бројни неправилности во работењето на голем број чинители од оваа област, рече Адеми.

На 15-ти овој месец, како што нагласи, добиено е известување дека на приемен пункт има утврдено по истовар на камиони со секундарна суровина прием на пет капаци од водоводни шахти кои се доставени од страна на три различни фирми, по што е извршен вонреден инспекциски надзор и по истражната постапка се донесени акти за забрана за работа на четири правни субјекти, а подготвени се барања до Јавното обвинителство за покренувања на кривични постапки.

- Во наредниот период при издавање на дозволите за извоз Државниот инспекторат ќе присуствува на самото место на утовар на секундарни суровини, при што ќе се изготвува записник на видот и количината на отпадното железо, записник кој ќе биде пропратен документ при контрола на граничните премини, рече Адеми и додаде дека со ваквата мерка ќе се придонесе за спречување на кражби, како и за решавање и надминување на овој тренд кој што се јавува во државата на секое зголемување на цената на отпадните метали.

Министерот Адеми апелираше наредбата стриктно да се почитува, а доколку тоа не се направи ќе се побара нејзино продолжување.