Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на настанот „Промоција на наоди од мониторинг на лица со попреченост“ организиран од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, на кој беа презентирани резултатите и препораките од мониторингот од Парламентарните избори 2020 година.
„Лицата со попреченост претставуваат најголемото малцинство на светот. Светската здравствена организација вели дека 15 отсто од светската популација се лица со попреченост. Ако ги земеме 1.800.000 запишани гласачи во нашата држава, тогаш бројката на оваа категорија на граѓани е доста висока, околу 200-270 илјади лица. Сериозна бројка, која има свои права, потреби, а ние како одговорни институции треба да одговориме“, истакна министерката Шахпаска.
Таа се осврна на носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во делот на дефинирањето на дискриминаторската основа, попреченост, при што е прифатен амандманот од страна на Здруженијата за лица со попреченост и е дефинирана како во Конвенцијата на Обединетите нации. Членот 29 од Конвенцијата кој гарантира право на лицата со попреченост да бираат, да учествуваат во избирачкиот процес, меѓутоа и да бидат избрани. Притоа, таа го истакна како многу значајно нивното учество во сите сегменти од функционирање на општеството, започнувајќи од локално ниво, како советници, пратеници, во извршната власт, поаѓајќи од нивното мото „Ништо за нас, без нас“, значи вистинска имплементација на она што е нивна заложба, во носењето одлуки.
Министерската потенцираше дека изминатите седум години направени се сериозни чекори во поглед на лицата со попреченост и нивната вклученост во избирачкиот процес, од избирачки материјали разбирливи за нив, воспоставување на знаковниот јазик за време на избори, пристап на избирачките места, гласачките паравани, обука на членовите на избирачките одбори како да им помогнат на лицата со попреченост да го остварат правото на глас.
Како позитивен исчекор министерката Шахпаска го посочи и учеството на 67 лица со попреченост како набљудувачи на изборниот процес.
„Како Министерство за труд и социјална политика сериозно работиме на проблематиката на лицата со попреченост, затоа што тоа е една од ранливите категории на граѓани, која се наоѓа високо на нашата агенда. Изминатиот период освен носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација ,го донесовме и Законот за спречување и заштита од насилство врз жената и семејно насилство , каде што жените со попреченост се дополнително ранливи во делот на насилството. Исто така, во собраниска процедура е и законското решение за лична асистенција излегувајќи во пресрет на граѓаните со попреченост ја спуштивме возрасната граница од 18 на 6 годишна возраст“, истакна Шахпаска.
Министерката посочи дека Министерството во моментов работи на меѓународната класификација на функционалноста, каде што попреченоста согласно Конвенцијата не се дефинира како медицинска дијагноза , туку како човеково право. А во крајна фаза е подготовката на Правилникот кој што ќе ги адресираа барањата врз основа на таа проценка , дали се образовни, социјални, здравствени потреби, за да можат овие лица на рамноправно да учествуваат со останатите граѓани во општеството.