Средба на премиерот Заев со амбасадорката на САД Брнз: Искажана поддршка за борбата против корупцијата, за европските реформи и можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев вчера имаше средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во нашата земја, Кејт Брнз.
На средбата се разговараше за неодамна усвоениот владин План за борба против корупцијата.

Во таа насока премиерот Заев истакна дека Владата е целосно посветена на неговото спроведување како системски организиран процес за зајакнување на капацитетите и за синхронизирање на активностите на институциите за бескомпромисна борба против корупцијата, непотизмот, судирот на интереси и злоупотреби на позициите, а амбасадорката ги поздрави ваквите напори.
 
Премиерот Заев и амбасадорката Брнз разговараа и за реформите предвидени со „Агенда: Европа дома“, во која, освен утврдените чекори за борба против корупцијата, се вклучени и мерки за  обезбедување европски стандарди за изборните реформи, за правосудството, темелните човекови права, реформите во медиумската сфера, економско владеење, реформа на јавната администрација, како и за реформите во областа на животната средина и климатските промени.
 
Со посебно внимание премиерот Заев и амбасадорката Брнз се задржаа на можностите за унапредување на економската соработка и за пројавениот интерес на некои компании од САД да инвестираат во Северна Македонија.