Владата има јасна определба за поддршка на развојот на спортот како силна алатка за зајакнување на здравјето и унапредување на социјалните вештини на младите со високи етички стандарди и одговорност во менаџирањето на спортските клубови

Денеска во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром, претседателот на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски, заедно со советничката за спорт во Владата на Република Северна Македонија, Силвија Митевска, учествуваа во дебатата во рамките на настанот „Развој на спортот и унапредување на спортскиот менаџмент кај спортските субјекти“ во организацијата на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија и општина Аеродром. 

На дебатата беше истакнато дека Владата на Република Северна Македонија го препознава спортот како важна алатка која придонесува кон градење на прогресивно, отворено и инклузивно општество.

Советничката за спорт во Владата на Република Северна Македонија, Силвија Митевска нагласи дека редовната партиципација во спортот и физичката активност обезбедуваат многубројни општествени и здравствени бенефити. 

„Докажано е дека физичката активност има позитивно влијание на физичкото и менталното здравје, когнитивниот развој  како и во борбата против депресијата и анксиозноста. Ова е особено важно во период на пандемија, кога младите водат седентарен начин на живот и затоа треба да се препознае важноста од иницирање на спортски програми кои ќе мотивираат што поголем број на граѓани особено млади да бидат физички активни“, потенцираше Митевска и додаде дека со учество во спортско-рекреативни активности, децата и младите се учат на најважните спортски вредности и социјални вештини како тимска работа, фер игра, почит, соработка, дисциплина и толеранција.

Претседателот на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски истакна дека спортските клубови, особено училишните спортски клубови се основа на спортот, каде се врши детекција на млади спортски таленти кои имаат потенцијал да прераснат во идни врвни спортисти и спортистки. 

„Затоа ние ја препознаваме потребата да ги поддржиме и да инвестираме во нив, градејќи ги капацитетите на спортските и раководни структури. Целиме кон создавање на прогресивни и инклузивни спортски организации кои ќе бидат расадник на успешни  спортисти и спортистки“, рече Димевски.

Во таа насока, како заложба на Владата беше нагласена определбата за поддршка на развојот на спортот и спортскиот сектор за унапредување на функционалноста и релевантноста на сите спортски здруженија и клубови, како и за креирање систем кој ќе содржи транспарентни и отчетни политики во сите спортски субјекти во кои е неопходно воспоставување на високи етички стандарди, развиена демократска структура и транспарентност и одговорност.