Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, Мухамед Зеќири и директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева, денеска потпишаа Меморандум за соработка.
Меморандумот е дел од активностите кои произлегуваат од Стратегијата за транспарентност, а има за цел воспоставување партнерски однос меѓу двете институции за унапредување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Целта на овој Меморандум е промоција на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и ефективно остварување на правата и слободите на граѓаните. Дополнително, обврските кои произлегуваат од овој Меморандум ќе придонесат кон зголемување на одговорноста на институциите преку зајакнување на активната транспарентност на Владата на Северна Македонија и на органите во состав.
На овој начин се гарантира доследно спроведување на стратешките определби содржани во Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија (2019 – 2021).
Со донесување на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2019 година, рокот за одговор на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер се намали од 30 на 20 дена, со што Република Северна Македонија се приклучи на европските земји за овозможување на побрз пристап до информациите од јавен карактер, на барателите.
Во оваа насока, Владата на Република Северна Македонија, во изминатите години посветено работи на зголемување на транспарентноста и отчетноста и од 2017 година до денес успешно ги спроведува овие заложби, со што се искачи на првото место по отвореност во споредба со земјите од регионот. Овој пристап во изминатите месеци, Владата го пренесува и на локалната власт, со што ќе може соодветно да се влијае и на зголемување на транспарентноста и отчетноста и на локалната самоуправа.