Владина делегација ќе ги претстави македонските инвестициски можности во Германија

Владина делегација предводена од заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, од денеска (25 март 2012 година) ќе престојува во тридневна посета на Сојузна Република Германија, со цел да ги претстави инвестициските можности на Република Македонија. 

Првиот бизнис форум ќе се одржи денеска во градот Улм, каде што пред германските стопанственици ќе се презентираат поволните услови и предности за инвестирање во нашата држава и воедно, ќе се остварат директни средби со потенцијалните инвеститори.

Покрај учеството на бизнис форумот, владината делегација ќе оствари средби и со претставници на Институтот Хелмхолц, при Универзитетот Улм, чиј фокус на истражување е  производство на енергија од биомаса.

По завршувањето на бизнис форумот во Улм, активностите за привлекување на странски инвестиции ќе продолжат во градовите Штутгарт  и Дизелдорф.

Владината делегација, покрај вицепремиерот Пешевски, ја сочинуваат и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, г-дин Висар Фида.