Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини примија делегација на претставници на повеќе граѓански организации од сферата на заштитата на природата и животната средина, предводени од организациите „Го сакам Водно“ и „О2“, како и повеќемина експерти од оваа област, кои покажаа интерес за иницијативата на Владата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје, за која во досегашната јавна расправа поддршка дадоа над триесеттина граѓански организации и поголем дел од стручната и академската јавност.
Претставниците на граѓанските организации и експертите присутни на оваа средбата изразија очекувања дека иницијативата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје ќе ги земе предвид и аспектите на заштитната улога што ја има оваа планина за градот Скопје од поплави, ерозија на земјиштето и од пожари.
Претседателот на Владата Заев и министерот Нуредини нагласија дека иницијативата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје се донесува врз основа на Законот за заштита на природата, кој е донесен по претходно усогласување со законодавството на ЕУ, и со кој се обезбедува интегрирана заштита на заштитените подрачја во корелација и со другите релевантни закони.
Со одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје, беше нагласено на средбата, ќе биде донесен и План за управување на подрачјето и Просторен план кои по дефиниција ги опфаќаат сите пропишани мерки и активности за заштита на природата, а особено мерки за управување со просторот и утврдување на систем на мерки и активности за заштита од пожари и други природни катастрофи, меѓу кои и мерките за заштита од ерозија.
Дополнително, во Одлуката ќе биде предвидено запирање на урбанизацијата во подрачјето на Водно до донесување на Планот за управување во кој ќе бидат прецизирани мерките за заштита и за интегрирано управување со заштитеното подрачје.
Премиерот Заев и министерот Нуредини на средбата истакнаа дека одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје сѐ уште не е утврдена во нејзината конечна верзија и дека процесот е отворен за сите сугестии и предлози во насока на најдобро решение кое ќе ги опфати сите аспекти за заштита на природата на планината, како и на другите аспекти за заштита.