Премиерот Заев: Иновациите движат напред, македонските „зелени машини“ се извезуваат во светски рамки

„Овие времиња на економски предизвици за голем број компании значат и поголема иновативност и прилагодување на новите трендови. Инвестициите во човечки и машински ресурси несомнено придонесуваат за зголемување на продуктивноста и квалитетот, што на крај резултира со подобра конкурентност и подобар пласман на производите“, истакна премиерот Зоран Заев од велешката компанија „Брако“ на промоцијата на инвестициите во вредност од 8 милиони евра во производствени погони, хали и машини како и на првото македонско хидрогенско возило за чистење улици и јавни површини кое веќе се извезува.
 
На обиколката на производствените погони, присутни беа и заменик-претседателите на Владата Фатмир Битиќи и Љупчо Николовски, како и министрите за економија Крешник Бектеши, за локална самоуправа Горан Милевски и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
 
Премиерот Заев истакна дека е горд што повеќе од 60 инженери, кои што се дел од „Брако“ и „Грин машинс“, стојат зад напредното технолошко,  целосно еколошко возило, со кое што компанијата, а со тоа и нашата земја е конкурентна на светскиот пазар.

„Современата трансформација на компанијата, резултира со создавање на производи што се продаваат на глобалниот пазар, како „Грин машинс“. Особено е значајно тоа што целиот нивен развој се одвива токму тука, во Велес, што значи тие  се производ на Северна Македонија, од првичната идеја до конечната реализација.  Ова што го создава „Грин машинс“ докажува дека фосилните горива и нивната примена во секојдневниот живот полека стануваат дел од историјата.  За вакви извонредни иновации слушаме од сите страни на светот, а мене ми е особено мило што такво едно еколошко решение е создадено токму во Северна Македонија“, изјави Заев и додаде дека Владата е тука да ги поддржи компаниите да ја зајакнат својата структура, да го зголемуваат извозот, да бидат иновативни и да произведуваат производи со поголема додадена вредност.
 
Кочо Анѓушев, сопственик и претседател на бордот на директори на „Брако“ рече дека иднината на македонската индустрија се производите со поголема додадена вредност.

„За да се произведуваат такви извозно ориентирани продукти што можат да се продаваат во целиот свет, потребно е компаниите да го поседуваат највисокото ниво на технологија и да имаат агресивен маркетинг. Токму ова веќе 20 години го применуваме во „Брако“, а овие возила се резултат на овој принцип на работа. Навистина сум горд што денес можеме да ги промовираме овие возила, пред сѐ, возилото на водороден хидрогенски погон кое што е комплетно развиено како најнова технологија што е иднина во светот. Исто така, горди сме што во „Брако“ во Велес се произведе машина за чистење и метење улици, со големина и капацитет што се први во светот“, рече Анѓушев.
 
Македонските „зелени машини“ за чистење на јавни и отворени површини, се извезуваат во Лондон, во Холандија, Австрија, Германија, Вашингтон и на други места во светот.