Ристовски: Бенифицираниот стаж на рударите нема да се условува со цели календарски години

Владата на Република Македонија на иницијатива на синдикатите донесе одлука за ново законско решение согласно кое бенефицираниот стаж на работниците во рудниците со подземно ископување нема да се условува со цели календарски години за да се намали возраста за пензија за една година. 

На ваков налчин, според министерот за труд со социјална политика Спиро Ристовски, се решава деценискиот проблем на рударите, како една од најзагрозените категории работници.

- За работниците во рудниците со подземно ископување намалувањето на старосната граница на пензионирање за по една година согласно постојното законско решение се врши ако работникот има поминато три цели години бенифициран работен стаж на работно место каде 12 месеци се сметаат како 18 месеци. Но, доколку на работното место помине 2 години и 11 месеци значи нецели 3 години, старосната граница за пезнионирање не може да се намали за 1 година, поради што тој и натаму останува на работа.

Дополнителен проблем во остварувањето право на пензија, рече, е фактот што поради штетни влијанија при вршењето на овие работни активности по здравјето на работниците, тие времено се распоредуваат и на други работни места со помал степен на бенифициран стаж, на пример 12 како 16 или како 17 месеци при што во собирањето на стажот од повеќе степени не можат да се соберат цели години за намалување на возраста на пензионирање.

- Практично, согласно новото решение, ако  работник во подземен ископ  работел на бенифициран работен стаж каде 12 месеци  се сметаат како 18 месеци стаж на осигурување, тој ќе оствари право на пензија на 52 година и 4 месеци, наместо претходно решение кога право на пензија би го остварил со 53 години живот, рече Ристовски.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија ССМ Живко Митревски смета дека на ваков начин во корист на работниците е решено едно прашање кое им создавало проблеми на рударите повеќе од една деценија. - Со новата формула на пресметување на бенифицираниот стаж за рударите ќе се решат голем дел од проблемите со кои се среќаваше оваа категорија работници, која е најизложена на опасности, рече тој.

Ова е практично решение за еден проблем од реалниот живот, смета претседателот на СИЕР Пеце Ристовски. - СИЕР покажа дека е конструктивен партнер кој бара решение за проблемите од реалниот живот, а не излегува со популистички барања. Затоа се надеваме дека ќе наидеме на ист позитивен одговор од Владата кога ќе имаме ваков проблем, рече тој.

Дојчин Цветановски, од Конфедерацијата на слободни синдикати, смета дека ова решение е резултат на добриот социјален дијалог што го имаат синдикатите и Владата и изрази надеж дека на задоволство на работниците таквата соработка ќе продолжи и во иднина.