Во Гази Баба пуштена во употреба реконструираната делница Раштак - Црешево

Премиерот Никола Груевски денеска ја пушти во употреба реконструираната делница Раштак - Црешево која е дел од патниот правец Раштак - Сингелиќ во општина Гази Баба, во должина од 4,6 километри.

- Пред нас е новиот пат, кој е од големо значење за жителите на Раштак, Булачани и Црешево. Со новиот пат се зголемува безбедноста во сообраќајот, се намалуваат штетите за возилата, се забрзува транспортот на граѓаните и се овозможува побраза и полесна поврзување со центарот на градот, а секако се овозможува и целосен развој на населените места кои се поврзани со овој пат, рече премиерот Груевски.

Делницата е реконструирана како дел од проектот на Владата и Агенцијата за државни патишта за рехабилитација на локалните патишта, финансиран со заем од Европската банка за обнова и развој.

Досега, потсети премиерот, во рамки на овој проект во општината Гази Баба, биле реконструирани локалните патишта од Брњарци до Стајковци, од Бутел до Раштак, од Јане Сандански до Инџиково и од Дрма до Идризово.

Најави дека, како и досега, во соработка со општината Гази Баба, ќе се продолжи со реализација на проекти од интерес на граѓаните.

Наташа Валкановска, директор на Агенцијата за државни патишта истакна дека за реконструкција на овој локален пат каде е комплетно изведен нов асфалтен коловоз во должина од 4,62 километри и широчина од 5 метри, издвоени се 14.255.000 денари.

Ова, рече, се само дел од активностите за развојот на локалната патна инфраструктура.

- Во овој краток период само во вашата општина инвестирваме над 950.000 евра кои ги обезбеди Владата преку проектот за реконструкција и рехабилитација на регионални и локални патишта.  Вакви инвестиции вредни околу 70 милиони евра се реализираат и во сите општини во нашата држава. Досега реконструиравме 130 патишта, а годинава планираме да бидат завршени уште 120 локални патишта, рече таа.

Додаде дека Владата преку овој проект обезбедила и 70 милиони евра за реконструкција на регионални патишта ширум целата држава. - Со оваа инвестиција значително е подобрена регионалната патна мрежа. Досега реконструиравме 11 регионални делници со вкупна должина од 300 километри, а годинава ќе бидат комплетно завршени уште четири нови регионални делници, истакна Валкановска додавајќи дека следни цели се доизградба на Коридорите 8 и 10, изградба на нови магистрални и регионални патишта, но секако и подобрување на постоечките делници.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски рече дека инфраструктурните проекти се од капитално значење за жителите од овој крај, но, додаде, се важни и за развојот на општината Гази Баба во целина.

- Сметаме дека овој е иднината на Градот Скопје, односно дека овде ќе можат во иднина да се планираат нови населби, нови места за живеење, поради близината со Градот Скопје, но и заради тоа што станува збор за еколошки чист крај богат со извори на вода. Еве со вакви активности, со капитални инвестиции во делот на патната инфраструктура сметам дека ќе имаме можност за привлекување на граѓаните да започнат со градби и за места за живење во овој крај, додаде Трајковски.

Тој пред жителите на Раштак најави дека општината ќе отпочне со решавањето на уште еден голем проблем во селото, а тоа е секундарната водоводна мрежа. Во минатото, рече, благодарение на поддршката на Владата се изгради филтер станицата, а годинава се планира натамошната изградба за секундарната мрежа.