Стејт департментот во својот последен Извештај за состојбата со човековите права во земјава посочува дека Владата демонстрираше поголема почит кон независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години.
Во извештајот се пренесува информацијата дека државата воспостави механизми за цел обезбедување судска независност и отчетност, вклучително и креирање правила за проверка на имотот и судир на интереси, како и утврдување дисциплински постапки.
Стејт департментот го пренесува извештајот во кој се наведува дека државата направила добар напредок во истрагата и прогонот на криминал на високо ниво.
Дополнително, се забележуваат подобрувања во борбата против корупцијата и организираниот криминал, но и предизвици на кои треба да се работи со цел враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Во извештајот на Стејт департментот се пренесува и за подобрувањата во сите затвори, а се потенцира комплетната реконструкција на битолскиот затвор, како и изградба на новиот Поправниот дом за малолетни лица Волковија во Тетово и судница во затворот Идризово.
-Властите отворија нова здравствена установа во затворот Идризово со двајца лекари, три медицински сестри, еден стоматолог и еден стоматолошки техничар. И покрај ова, пристапот до задоволителна здравствена заштита остана проблем, стои во извештајот на Стејт департментот.
Членовите на персоналот во Казнено-поправните и воспитно-поправните институции беа обучени за новиот Кодекс на однесување на затворскиот персонал, заснован на Европскиот етички кодекс.