Премиерот Заев од Битола: Инвестираме во стабилен енергетски систем

„Инвестициите во енергетската мрежа се од голема важност за целиот електроенергетски систем и имаат директно влијае на пристапот и стабилноста во снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата од овој регион, за малите претпријатија како и за големите индустриски капацитети“, рече премиерот Зоран Заев по повод денешното пуштање во употреба новиот 400/110 киловолтен трансформатор во Трансформаторска станица „Битола 2”, инвестиција на АД МЕПСО која e во висина од 2,4 милиони евра.

Премиерот Заев подвлече дека задоволството е уште поголемо што континуирано се инвестира во енергетскиот сектор во земјава.

„Изминатиот период присуствувам на завршени или на отпочнување на нови проекти во областа на енергетиката кои значат помош за економијата, за инвестициите за побрз развој и за подобар стандард. Оваа недела ги потпишавме и договорите за инвестиции во Александруполи со што ја осигуруваме енергетската иднина. Од оваа трафостаница тргнува интерконективниот далекувод кој ја поврзува земјава со Грција, а токму тука, со проширување на последното поле во трафостаницата се подготвува теренот за изградба на интерконекцијата со Албанија, преку далекуводот Битола-Елбасан“, изјави Заев на денешниот настан на кој заедно со Благој Бочварски, министер за транспорт и врски и Куштрим Рамадани, генерален директор на АД МЕПСО ги истакнаа придобивките од инвестицијата која има круцијално значење за целиот електроенергетски систем.

Министерот Бочварски рече дека инвестициите во електро преносниот систем што ги реализираме се само доказ на нашите стратешки одлуки во зајакнување на електро-енергетскиот сектор во Република Северна Македонија.

„Овие инвестиции и тоа како се значајни за севкупниот стопански развој на државата. Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење не само за Битола и Пелагонискиот Регион, туку и за нас како држава и за цел енергетски сектор. Оттука испраќаме јасна порака до сите сегашни и идни инвеститори. Со модернизацијата на оваа Трафостаница, сега нудиме стабилно и редовно снабдување со електрична енергија, a тоа е одговор на нивните потреби", изјави Бочварски и додаде дека вкупните инвестиции на АД МЕПСО надминуваат 100 милиони евра во сите сегменти од реконструкција и модернизација на трафостаниците до изградба на нови далекуводи.

Директорот на АД МЕПСО, Рамадани истакна дека новиот 400/110 киловолтен трансформатор се поставува на местото на стариот кој беше во функција од далечната 1982 година.

„Постапката за набавка на новиот трансформатор започна во 2019. Трансформаторот пристигна во февруари, стручните екипи на производителот го монтираа и тој досега беше во пробна работа. Овој 235 тонски електроенергетски елемент е произведен од Колектор-ЕТРА од Словенија. Инвестицијата изнесува 2,4 милиони евра, сопствени средства на АД МЕПСО. Со овој трансформатор ќе се зголеми доверливоста на ТС „Битола 2” и ќе се подобрат напонските прилики за домаќинствата и бизнис секторот во регионот“, рече Рамадани.

Владата и Министерството за транспорт и врски и во следниот период активно ќе учествува и ќе го поддржуваат МЕПСО во сите стратешки и оперативни активности во насока на реализација на предизвикот, а тоа е транзицијата на преносните мрежи во паметни мрежи односно популарната дигитализација, со што ќе се зголеми ефикасноста на преносните системи.