Продолжува едукацијата на средношколците за препознавање и одбивање работа на црно

Во рамки на проектот „Одбиј работа на црно“ продолжува едукацијата на учениците од трета и четврта година во средното образование, за правата и обврските од засновање работен однос, односно да препознаваат ваков тип на работа и да не ја прифаќаат.

Активности за едукација на средношколците денеска имаше во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, на кои присуствуваа и министерите за труд и социјална политика и за образование и наука Спиро Ристовски и Панче Кралев, чии министерства се задолжени за имплементација на проектот.

Министерот Кралев посочи дека целта на проектот е да се запознаат учениците со опасностите со кои ќе се соочат доколку во иднина некој им понуди работа на црно, но и да знаат кои се нивните права при вработувањето. Но, додаде, поважно од се е да се охрабрат при вработувањето да побараат од работодавецот да бидат уредно пријавени и да бидат дел од легалната работна сила во земјава.

- Медицинското училиште е едно од училиштата што произведуваат дефицитарни кадри, кои се барани на пазарот на трудот. Затоа можеби денешната презентација е особено важна, бидејќи тие пред да завршат со своето образование веќе им се нуди работа, така што е добро да се запознаат со правата и обврските, рече Кралев.

Министерот за труд и социјална политика смета дека со запознавањето на младите со основните права и обврски од работен однос, условите и начинот на негово засновање, ќе се влијае на свеста на младите, а со тоа ќе се спречи и можноста за злоупотреба и експлотација на нивниот труд.

Според него, кај младите треба да се изгради свест дека вработувањето на црно, не е штетно само за државата, туку и за нив самите. Дури тогаш, рече Ристовски, ќе се постигне поголем напредок во сузбивањето на сивата економија, нешто на што работат и трудовиот инспекторат.

- Проектот е наменет за најмладата популација бидејќи тие први запливуваат на пазарот на трудот и први се соочуваат со сивата економија, односно со работата на црно. Токму затоа, наша обврска е да преземеме активности како младите да ги препознаат замките на сивата економија, рече Ристовски.

Тој вели дека работодавачите во градежништвото и туризмот најчесто не ги пријавуваат своите работници.

- Во првите три месеци од оваа година извршени се преку 6.000 надзори во делот на работните односи. Имаме констатирани 159 непријавени работници. Инспекторите на трудовата инспекција во координирани надзори кои треба да ги реализираат, ќе продолжат и во наредниот период. Динамиката на контролите за непријавени работници, нема да ја намалиме, истакна Ристовски.

Проектот почна да се имплементира почетокот на месецов. Досега активности за едукација се спроведени 29 во средни училишта во Скопје, Битола, Струмица и Штип. Активностите треба да завршат до 30 април годинава.